Над 60 отсто од фекалиите завршувааат непречистени во реките и езерата, се чекаат пречистителните станици [инфографик]

Фото: Архива на Мета.мк

Количеството на отпадни води што ги создале македонските домаќинства и компании во 2021 година се зголемило, но и понатаму 62 отсто од создадените фекалии во земјава се вливаат како непречистени во реките, езерата и подземните води и го загадуваат водното богатство на земјава.

Според податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС), само 38 отсто од отпадните води лани биле пречистени во соодветни станици за нивен третман. Од друга страна, вкупното количество отпадни води во 2021 година било за 2,8 отсто поголемо во однос на 2020 година.

Изминативе години навистина се забележува пораст на количеството на отпадни води кои се третираат во пречистителните станици. Па така, во споредба со 2019 година, кога 67,5 отсто од отпадните води биле непречистени, лани овој процент се намалил за 5,5 отсто. Сепак, треба да се има во предвид фактот дека канализационата мрежа низ Македонија се проширува и во градските и во руралните средини, а со тоа се зголемува и количеството на собрани фекалиии и расте потребата од пречистителни станици.

Статистичките податоци велат дека лани од 102.640.000 метри кубни отпадни води, во подземните води биле испуштени како непречистени 31.995.000 метри кубни. Во речните водотеци завршиле 31.625.000 метри кубни загадени води. Ваквото загадување претставува голема опасност по животната средина, бидејќи оневозможува да се користи за пиење дел од водниот потенцијал на изворите, додека загадените реки и езера се забранети за пливање, па дури и некои од нив, како реката Вардар, за користење на водите за полевање на земјоделските површини.

За да се постигне значително зголемување на процентот на пречистување на отпадните води, неопходно е државата во соработка со локалните самоуправи да ги изгради пречистителните станици за отпадни води првенствено во трите најголеми општини каде недостигаат – Скопје, Тетово и Битола.

Мета.мк веќе пишуваше дека две години се одолговлекува почетокот на изградбата на скопската пречистителна станица за отпадни води, каде треба да се третираат фекалиите на над половина милион жители на главниот град. Најновото ветување е дека изведбата ќе почне на почетокот од 2023 година, информираат за Мета.мк од ЈП „Водовод и канализација“-Скопје.

Две години се одолговлекува изградбата на пречистителната станица за отпадни води во Скопје, Вардар останува загаден

Министерството за животна средина и просторно планирање од почетокот на јуни го контактиравме во три наврати за да добиеме информации до каде е тендерската постапка за изградба на долговетуваните пречистителни станици за отпадните води во Битола и Тетово, но од ова министерство не добивме одговори на нашите прашања. Мета.мк веќе пишуваше дека се одолговлекува реализацијата на овие два капитални објекта. За Битола уште во 2016 година беше изработена студијата за влијание врз животната средина за овој капитален проект, додека тетовските општински власти локацијата за градба кај селото Фалише ја чистеа од отпад уште во 2019 година.

Наместо договор, догодина нов тендер за изградба на пречистителните станици во Битола и Тетово

За загрижувачката состојба во земјава со отпадните води кои непречистени се вливаат во подземните води, реките и езерата, податоци има објавено и Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕВУ). Во Годишниот извештај за нејзиното работење за 2021 година, се вели дека само 19 општини од вкупно 80 во земјава лани вршеле прочистување на отпадните води.

„Водната услуга пречистување на отпадни води во територијата на Република Северна Македонија, во подрачјата со над 10.000 еквивалент жители, ја даваат вкупно 13 даватели на водни услуги, покривајќи ги делумно или целосно потребите на следните општини: Свети Николе, Берово, Кочани, Струга, Кичево, Гевгелија, Струмица, Радовиш, Прилеп, Битола, Ресен, Куманово и Скопје“, се наведува во Годишниот извештај на РКЕВУ.

Во општините со под 10.000 еквивалент жители, услугата за пречистување на отпадните води ја даваат шест даватели на водни услуги, покривајќи ги делумно или целосно потребите на следните општини: Македонски Брод, Дојран, Чучер Сандево, Карбинци, Чешиново-Облешево и Кривогаштани.

Како што и се наведува во самиот документ на РКЕВУ, дел од општините имаат изградено пречиститени станици за само дел од населените места. Најдрастичен пример е Градот Скопје, каде што услугите за пречистување на отпадните води им се овозможени единствено на жителите кои гравитираат околу Волково и Сарај со тамошните веќе изведени инфраструктурни објекти на реките Треска и Лепенец.

Инаку, Мета.мк веќе направи репортажа за состојбата со водите на реката Вардар во Скопскиот регион, во која ја потенциравме алармантната состојба со квалитетот на речните води. Тогаш напишавме дека со години наназад анализите на водите на реката Вардар покажуваат оти бактериолошки тие се наоѓаат во највисока четврта категорија на загадување, додека хемиски може да се случи речните води да бидат меѓу четврта и петта категорија на загадување во зависност од годишното време и водостојот.

Реката Вардар е место за фрлање отпад и извор на болести, ќе успееме ли да го прочистиме до 2026 година? (видео)

Пишува: Бојан Блажевски

1 КОМЕНТАР

  1. Се удавивме во фекалии, се што можеше да загадиме загадивме, сто години ги ветуваат овие причестителни станици, една тула дневно да редеа до сега ќе ги направеа!

Напишете коментар

Внесете го вашиот коментар
Please enter your name here