Наместо договор, догодина нов тендер за изградба на пречистителните станици во Битола и Тетово

Пречистителната станица за отпадни води во Прилеп; Извор на фотографија: Општина Прилеп

Наместо потпишување на договорите со најповолните понудувачи и почеток на изградбата, ревидирање на техничката и тендерската документација и распишување на нов меѓународен тендер. Ова е неславниот епилог од проектите за изведба на пречистителните станици за отпадни води во Битола и Тетово, за кои пролетва од централната власт беше најавено дека до крајот на 2021 година ќе се потпишат договорите со компаниите што ќе ги градат капиталните објекти.

„Техничката и тендерска документација се ревидираше и истата е доставена на одобрување во Министерство за финансии – ЦФЦД, а потоа истата се одобрува од страна на ДЕУ, по што ќе може да биде објавена и да се отпочне со тендерската постапка во 2022 година“, велат за Мета.мк од Министерството за животна средина и просторно планирање во однос на изградбата на двете пречистителни станици за отпадни води во Битола и Тетово.

Она што е веќе познато е дека двата досегашни тендера за изведба на пречистителните станици биле поништени, поради тоа што ниту една од поднесените понуди на компаниите не ги исполнила условите од тендерот. Повторувањето на целокупната тендерска постапка ќе значи одложување на реализацијата на тендерот за повеќе од една година, временски период што е потребен за да се спроведе одново тендерот.

Инаку, изведбата на пречистителни станици за отпадни води во Битола и Тетово се капитални проекти коишто со години наназад се ветуваат од властите. За Битола уште во 2016 година беше изработена студијата за влијание врз животната средина за овој капитален проект, додека тетовските општински власти локацијата за градба кај селото Фалише ја чистеа од отпад уште во 2019 година.

Со пречистителната станица за отпадни води во Битола треба да се опфатат фекалиите од Битола и околните населени места, кои во моментов непречистени се испуштаат во реката Драгор и Петтиот канал. Проектот финансиран од ИПА 2 Програмата на ЕУ е вреден 27,8 милиони евра и со него треба да биде опфатено пречистувањето на урбаните отпадни води во оваа општина. Објектот во Битола треба да се гради во атарот на селото Долно Оризари.

Во Тетово пак, ќе се гради пречистителна станица за отпадни води вредна 30 милиони евра, која што треба да обезбеди секундарен третман на урбаните отпадни води од Тетово и околината. На тој начин, во иднина фекалиите нема да се испуштаат директно во реката Вардар.

Досегашниот планиран рок за изведба на двете пречистителни станици во Битола и Тетово беше 2024 година, при што со нивната реализација би се зголемил постојниот квалитет на речните води на Драгор и Вардар во овие два града.

Ако се земе во предвид дека рокот за изведба на градежните работи е 24 месеци, со дополнителни 12 месеци како период за пријавување дефекти за изградениот објект, веќе е извесно дека ќе има сериозно пробивање на зададените рокови за изведба на пречистителните станици во двата града со новиот тендер.

Мета.мк веќе пишуваше дека Македонија, заедно со Србија и Косово, се наоѓаат на европското дно според процентот на население кое има пристап барем до секундарен третман на урбаните отпадни води, покажуваат податоците на Евростат и на Државниот завод за статистика. Во 2018 година, само 21,7 отсто од урбаните отпадни води во нашата земја биле подложни на пречистување пред да се испуштат во реките, езерата и подземните води. 

Ваквата негативна слика би можела значително да се промени, односно процентот на пречистени урбани отпадни води да се зголеми на над 50 отсто, доколку се забрза реализацијата на пречистителните станици во трите најголеми града во земјава – Скопје, Битола и Тетово.