Министерството за здравство информира дека за Поликлиниката во населбата Шуто Оризари, која работи во склоп на Здравствениот дом Скопје, за период од пет години почнувајќи од 2015 па сè до 2020 година, има распишано шест огласи за издавање на ординации по општа медицина за матични лекар.

Оваа реакција на Министерство за здравство следува по денешниот протест на граѓаните на Шуто Оризари кои се пожалија дека немаат матични лекари и нема кој да ги лечи.

На ниту еден оглас до сега се нема пријавено лекар за работа, велат од Министерството за здравство

Оттаму додаваат дека во моментов во тек е седми оглас за кој јавното надавање ќе биде на 7 април. Понатаму се посочува дека Поликлиниката во склоп на Здравствениот дом Шуто Оризари има четири приватни здравствени установи и тоа ординации по општа медицина, кои во моментов се слободни поради пензионирање на матични лекари.

Од ресорот здравство велат дека ако и на овој седми оглас по ред, не се пријават невработените матични лекари, Здравствен Дом Скопје како давател на простор за вршење здравствена дејност и понатаму ќе нема избор туку да продолжи да го објавува огласот за издавање на просторот, се со цел да се јават лекари кои би работеле во овие ординации за да може да се пружи адекватна здравствена услуга и да се унапреди здравствениот статус на граѓаните од оваа општина.

„Во моментов во Поликлиника  Шуто  Оризари  има вкупно 14 вработени лица, од кои осум се здравствени работници и шест дел од техничката служба,“ велат од Министерство за здравство.

Во соопштението се додава дека во склоп на Поликлиниката функционираат и Ординација за превентивна здравствена заштита на предучилишни и училишни деца, каде се врши редовна имунизација согласно календарот за вакцинација, потоа систематски  прегледи, здравствено советување според возраста на децата, се издаваат медицински потврди за упис во училиште, а работи и детска превентивна стоматологија.

Од ресорот здравство потсетуваат дека во лабораторијата која е дел од Поликлиниката, во периодот на пандемијата со корона вирусот е отворен пункт за тестирање на ковид пациенти и дневно се прават до 40 тестирања.

„Во Поликлиниката работи и ноќна дежурна служба секој ден од 19.30 до 7.30 наредниот ден, a во неделите до 24 часот. Саботните дежурства ги држат лекари концесионери од приватните здравствени установи од тој реон“, се вели во соопштението.

Оттаму додаваат дека во Поликлиниката Шуто Оризари работат и приватни здравствени ординации, концесионери кои имаат 25.000 илјади пациенти.

„Своја канцеларија во склоп на Поликлиниката има и невладината организација ХЕРА која обезбедува советување за млади и еднаш неделно е организирана посета од гинеколог и дерматовенеролог. Канцеларија има и невладината организација „Деца од улица“. Во оваа здравствена установа работи и дежурна аптека,“ се додава во соопштението.

Од Министерство за здравство велат дека на годишно ниво во Поликлиника Шуто Оризари се реализираат околу 30.000 прегледи.

„Во 2017 година беше отворена и ординацијата по гинекологија, но истата после година и половина беше затворена затоа што докторката го раскина договорот за закуп со Здравствениот дом Скопје. Во моментов, Министерството за здравство опремува нова гинеколошка ординација, која наскоро ќе почне со работа. Исто така за потребите на Поликлиника Шуто Оризари, ЈЗУ Здравствен дом на Скопје со финансиски средстсва донирани од Амбасадата на Република Кина, спроведе две постапки за јавна набавка преку ЕСЈН, кои завршија со склучување на неколку договори кои се во фаза на изведба. Се работи за реконструкција на кровот на поликлиниката како и за договор за набавка на медицински мебел и опрема за РТГ кабинет. Со опремување на кабинетот за рентген пациентите нема да се испраќаат непотребно за снимање на терциерно ниво. Во јануари добиена е и донацијата од амбасадата на Сојузна Република Германија во вредност од еден милион денари за набавка на ЛЗО која тековно ќе се доставува согласно потребите,“ потенцираат од Министерство за здравство.