Фото: Принтскрин видео

Граѓаните на Шуто Оризари се жалат дека се без здравствена заштита, бидејќи двајца од матичните лекари кои работеле во поликлиниката си заминале, а една се пензионирала.

Фадиљ Џемаил, координатор во Здружението на граѓани „Иницијатива за развој и инклузија на зеадниците од Скопје“ рече дека 4.000 возрасни и 1.200 деца се без здравствена заштита.

Тој апелираше до здравствените власти што побрзо да се изнајде решение за овој проблем, бидејќи во ек на ковид-криза граѓаните се без здравствена заштита и не можат да се тестираат.

Матичните лекари работата ја доживуваат како казна во амбулантата, бидејќи ова го што имаме не личи на поликлиника, вели Фадиљ Џемаил

„Нема заинтересирани на огласот за концесија за кој од Министерство за здравство велат дека редовно го објавуваат. Според податоците, има околу 250 лекари по општа медицина кои се невработени и еден Ром, но тие се незаинтересирани да се пријават на огласот за концесионери. Расте нетрпеливоста на пациентите, па настануваат инциденти. Матичните лекари кои работат во Шуто Оризари имаат од 2.500 до 3.000 пациенти и тие повеќе немаат простор за дополнителен број на пациенти,“ истакна Џемаил.

Салија Бекир Халим, од Иницијативата на жени од Шуто Оризари исто така истакна дека проблемот со работа на гинекологот останува, и од 8.000 до 13.000 жени кои се во репродуктивен период немаат грижа за репродуктивното здравје.

Според Бекир Халим, работата на гинекологот кој пројавил интерес за работа во Шуто Оризари се одолговлекува бидејќи не е исполнета обврската од здравствените власти за опремување на ординацијата.

Таа истакна дека Ромките тешко доаѓаат до матични гинеколози, со образложение дека бројката на пациенти е пополнета.