Околу илјада граѓани денеска се одзваа на повикот на Светскиот македонски конгрес (СМК) и излегоа на протест пред зградата на МВР за да искажат револт против министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој според СМК,  дозволил лица предводени од ДУИ да ги запоседнат темелите на крстот во Бутел.

Пред МВР се носеа транспаренти на кои што пишуваше „Оливер, зошто земаш плата“, „Оливер исполни си ја должноста“,„Оливер остави професионалци да си ја извршат работата“ и се извикуваше „Оставка“, „Македонија, Македонија“ и „Предавник“.

Пред граѓаните се обрати претседателот на СМК, Тодор Петров кој рече дека, и покрај физичкиот напад од групата на Изет Меџити пред една недела, смогнал сили да дојде денеска на протестот.

Тој го осуди вандализмот и како што рече „сквернавењето на темелите на крстот во Бутел од страна на демонстрантите предводени од раководството на ДУИ“,  додавајќи дека „СМК нема да дозволи сириско и ирачко сценарио во Македонија“ и меѓуетнички поделби во државата.

– СМК го осудува однесувањето на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, бидејќи дозволи демонстрантите вандалски да ги запоседнат темелите на крстот. СМК бара од Спасовски да обезбеди услови за изградба на крстот и да си ја заврши работата за граѓаните да не ги преземаат работите во свои раце, како што тоа го стори градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити и групата предводена од него – рече Петров.

Тој најави дека од Собранието ќе бара да биде поништен Договорот од Пржино и, како што рече, „да биде вратен уставниот поредок во земјата“.

На Спасовски му порача да не го провоцира трпението на мнозинството и додаде дека крстот во Бутел не подлежи на Бадентерово мнозинство при донесување на одлука за негово поставување.

Тој рече дека крстот не е одговор на двоглавиот орел на споменикот кој беше поставен во Чаир кој за него е провокација, дивоградба и споменик на војната од 2001 година.

Петров рече дека СМК во знак на помирување на 13 март, на Прочка, ќе покрене иницијатива за изградба на Црква во име на Теофан Силијат Ноли или попознат како Фан Ноли, основач на албанската православна црква. Црквата, според иницијативата на СМК, би се наоѓала помеѓу општините Чаир и Бутел.

На протетсот беа присутна и претседателката на Комисијата за односи со верските заедници, Валентина Божиновска и пратенокот на ВМРО-ДПМНЕ, Андон Чибишев.

На протестот немаше големо озбезбедување и тој заврши мирно со ракоплескање и со песната „А, бре Македонче“.