Од вежбата „Одлучен удар 19“ во јуни 2019 година

Околу 1.100 македонски војници, 300 американски и тимови од армиите на Бугарија и Грција ќе учествуваат во воената вежба „Одлучен удар 21“, што од понеделник до 2 јуни ќе се одржи на Армискиот полигон „Криволак“. Вежбата е дел од комплексот вежби „Европски бранител 21“ („Defender Europe 21“) на НАТО и Армијата на САД, што се спроведува на 30 полигони во 12 европски земји од Балтикот до Егејот, со фокус на Балканот и Црноморскиот регион. Во „Бранител“ учествуваат повеќе од 28.000 војници од 27 земји-членки на НАТО и партнерски нации, а вежбата е дизајнирана како одговор на агресија и треба да ги прикаже способностите за стратегиско распоредување на силите и одговор на криза.

Целите на македонската вежба се зголемување на борбената готовност на дел од силите предвидени за операции на НАТО, подобрување на содејството меѓу сили на различни земји, но и на конвенционални и специјални сили. На „Одлучен удар“ ќе учествува Вториот пешпадиски баталјон на АРМ, тим од специјалните сили – Баталјонот на специјални сили „Волци“ и воздухопловна компонента. САД испраќаат единица на Националната гарда на Флорида и 4. бригада за поддршка на безбедносни сили и два хеликоптера од 1.бригада на борбената авијација. На вежбата ќе учествува и по еден тим бугарски и грчки сили за специјални операции и два авиона Ф-16 на грчкото воздухопловство.

Фото: Министерство за обрана

– Вежбата „Одлучен удар“ е извонредна можност за јакнење на нашата интероперабилност, со останатите земји учеснички и наши сојузници од НАТО, зголемување на нашата борбена готовност и потврда за нашите напори за трансформација на Армијата – изјави директорот на вежбата полковник Блаже Николовски на денешниот брифинг на полигонот „Криволак“.

„Одлучен удар 21“ е дел од пошироката серија на вежби „Европски бранител 21“ на Командата на американските сили за Европа и Африка, дизајнирана да ја зголеми готовноста и интероперабилноста преку извежбување на способноста на вооружените сили на САД да изведат брзо распоредување на големи борбени сили, војници и опрема од САД во Европа, и заедно со сојузниците и партнерите брзо да одговорат на потенцијална криза.

– Вежбата е моќен пример за тоа како Северна Македонија е подготвена да работи со САД и со другите НАТО сојузници и вооружени сили во справување со идните закани и покажува како Северна Македонија веќе придонесува во Алијансата. Ја ценам посветеноста и водството на министерката во развојот на Криволак во полигон од светски ранг за одржување на национални, билатерални и меѓународни вежби. За крај, би сакал да истакнам дека односот меѓу нашите вооружени сили продолжува да се заснова на обострана почит и поддршка еден за друг – нагласи полковник Питер Рауел, одбранбен аташе на САД.

Во подготовката на македонскиот дел на вежбата, на Криволак, досега беше вклучен и 15. инженериски баталјон на Армијата на САД, кој заедно со инженерците на АРМ ја подобри инфраструктурата и капацитетите на полигонот.

– Денеска можете да видите дека нашата амбициозна цел да го модернизираме и да го унапредуваме „Криволак“ била и оправдана и реална. Полигонот „Криволак“ навистина прераснува не само во национален и регионален, туку и вистински НАТО капацитет. Во изминатиот период нашите сили градеа заедно. Сега ќе вежбаат заедно. Сето тоа со цел да можат да дејствуваат и да се одбранат заедно – изјави министерката за одбрана Радмила Шекеринска Јанковска.

Фото: Министерство за обрана

Од пред две години Министерството за одбрана почна да го контролира влијанието на вежбните врз животната средина, што во НАТО годинава се промовира како идеја во рамки на концептот „НАТО 2030“.

Во рамките на досегашната соработка со Министерството за одбрана и лабораторијата АМБИКОН инсталира и ќе обезбеди периметарски мониторинг на квалитетот на амбиентниот воздух на полигонот „Криволак“ за целиот период на одвивање на вежбата. Системот ќе овозможи следење на концентрациите на суспендирани цврсти честички во реално време на две локации, а на една локаицја ќе бидат земани примероци од концентрациите на цврсти честички за одредување на нивните концентрации, но и за нивна хемиска анализа. Резултатите веднаш по завршување на вежбата во форма на извештај ќе бидат презентирани на јавноста – рече професорот Дејан Мираковски од Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.