Законски утврдената минимална плата за декември ќе изнесува 14.500 денари и е зголемена за 2.000 денари, а споредено со 2017 за 5.500 денари, информираат од Министерство за труд и социјална политика.

Истовремено, додаваат од таму, државата ќе ги субвенционира придонесите од 600 до 6.000 денари, за сите компании од приватниот сектор кои што ќе ги зголемат платите за оваа сума на работниците независно дали се минимални или повисоки. Субвенциите ќе може да се користат во следните три години.

Собранието вчера ги изгласа Законите за минимална плата и за субвенционирање на придонесите за раст на плата со што платите во државата продолжуваат да се зголемуваат.

„Со изедначување на минималната плата во 2017 година за работниците во текстилната и кожарската индустрија постигнавме зголемување на просечната плата во производство на облека за 16 проценти, а во текстилната индустрија за 24 проценти, односно за 3.870 денари. Со зголемувањето на минималната плата, обезбедивме повисока плата за 90.000 граѓани. Во моментот минималната плата во државата изнесува 12.507 денари“, се додава во соопштението.