МОФ: Младите немаат доверба во институциите ниту доволно интерес за граѓански ангажман

Фото: Арбнора Мемети

Младински образовен форум спроведе истражување за состојбата со младинскиот социјален капитал во земјата, насловено „Младинско статус кво – 10 години стагнација“. Целта на истражувањето е утврдување на социјалниот капитал (определен како мрежи на споделени норми, вредности и разбирање што поддржуваат соработка во и меѓу групите), ставовите кон и формите на граѓанско учество, како и ставовите и практикувањето на слободата на изразување меѓу младите во државата.

Резултатите од истражувањето упатуваат на недостиг од овозможувачка околина за развивање на социјалниот капитал на младите.

„Повеќе од половина (54 проценти) од средношколците никогаш не учествувале во решавање на проблем во нивната заедница. Половина од младите сметаат дека грижата кон заедницата не е нивна обврска – младите покажуваат релативно мал интерес за граѓански ангажман, а една четвртина од средношколците не би учествувале во волонтерски активности. Младите имаат мала доверба во институциите и во своето дејствување примарно се упатени на примарните групи – семејството и пријателите. За жал, над 80 проценти од младите никогаш за време на нивното образование немале обврска да ги следат тековните општествени настани.Младите не се учат да размислуваат критички и да преземаат одговорност за случувањата во нивната околина, а довербата во општествените институции има тенденција на опаѓање со стапувањето на младите во возрасно доба,“ се вели во истражувањето.

„Пораките кои ги слушаме од истражувањето се слика и огледало на денешницата, овие проблеми може да се увидат и во други држави во Европа, но најважно е дека младите луѓе бараат подобро образование, зачувување на животната средина, потранспарентни институции како и да бидат вклучени во процесот на носење одлуки, а со цел да се слушне нивниот глас,“ изјави амбасадорот на Европската Унија, Дејвид Гир.

Министерката за образование Мила Царовска која исто така присуствуваше на настанот рече дека во моментов се уште се наоѓаме во образовен систем кој нуди знаења за факти со недостаток на образование кое поттикнува критичко размислување.

„Затоа е значајно да поминеме од фактографско знаење во учење кое поттикнува критичко размислување и да создадеме граѓани кои ќе ги предизвикуваат постојните позиционирани факти за да постигнеме развој во општеството,“ додаде Царовска.

Во рамки на анкетното истражување учествувале 1.960 ученици од средните училишта во земјата и 1.833 студенти од јавните високообразовни установи.

На конференцијата беше презентирана и Младинската декларација – документ составен од млади чија цел е да се адресираат предизвиците со кои се соочуваат младите во областите образование, младинска невработеност, слобода на изразување, младинско учество, животна средина и препораки како истите да бидат надминати.