Фото: Арбнора Мемети

Дури 7 од 10 македонски граѓани на возраст од 18 до 24 години би сакале да плаќаат повисоки даноци и да живеат во странство, додека постарите лица повеќе би сакале да плаќаат пониски даноци и останат да живеат во земјава, покажува новата студија на Центарот за економски анализи (ЦЕА) за даночниот морал изразен преку профилот на даночните обврзници.

Во истражувањето се презентирани пет кластери кои ги земаат предвид врските помеѓу доброволното исполнување на даночните обврски(даночен морал) со: полот, возраста и етничката припадност како социо-демографски фактори и образованието и личните примања на даночните обврзници како социо-економски фактори.

Наодите од истражувањето покажуваат дека граѓаните до својата 40-та година преферираат да ја напуштат државата и при тоа да плаќаат повисоки даноци на друго место.

„Граѓаните пак над 40-тата година преферираат пониски даноци и да останат да живеат во Северна Македонија. Ова укажува на појавата на резигнираност и дека овие лица се задоволуваат со условите во Северна Македонија. И во вакви услови во Северна Македонија тие не би плаќале повисоки даноци за подобрување на условите бидејќи не очекуваат дека со зголемување на даноците би добиле поквалитетна или подобра јавна услуга, туку ќе бидат повторно неадекватно потрошени“, се вели во истражувањето.

Во однос на половата структура се констатира дека кај женскиот пол на даночни обврзници споредено со машкиот пол на даночни обврзници, степенот на даночен морал мерен низ степенот на (не)прифатливост на однесување на избегнување на даноци е повисок.

„Истовремено забележана е поголемата даночна дисциплина за доброволно исполнување на даночните обврски и повисок степен на даночен морал кај лицата од женски пол споредено со лицата од машки пол. Оваа разлика може да се должи на јазот помеѓу мажите и жените на пазарот на труд и родова нееднаквост. Жените покрај тоа што се помалку застапени и активни на пазарот на труд, се подложни на поголем ризик од губењето на работното место и затоа се подисциплинирани во доброволното исполнување на даночните обврски. Стравот од преземање на ризик за неисполнување на даночните обврски кај жените е поголем од мажите па можеби и поради тоа и нивниот даночен морал е повисок“, велат од ЦЕА.

Во однос на етничка припадност, истражувањето покажува дека системот за плаќање на даноците кои ги собира централната власт најмногу им е јасен на даночни обврзници со македонска етничка припадност, додека системот за плаќање на даноците кои ги собира локалната власт најмногу е јасен на даночните обврзници припадници на албанската етничка заедница.

Најголем дел од даночните обврзници со етничка припадност Македонци и останати, сметаат дека нивото на корупција на централната и локалната власт не е променето во споредба со пред 5 години, наспроти даночните обврзници со албанска етничка припадност кои сметаат дека нивото на корупција во државата е повисоко споредено со пред 5 години.

Инаку, истражувањето покажува дека повисокото ниво на даночен морал е забележан кај даночни обврзници со низок степен на образование, мерен низ степенот на (не)прифатливост на однесување на избегнување на даноците, а кај истата образовна категорија во просек се јавува најголемо несогласување за тоа дека неподмирувањето на даноците е прифатливо доколку властите се корумпирани.

„Пообразованите даночни обврзници кои сметаат дека даночниот систем во државата е фер, сметаат дека нивото на корупција на централната власт е исто во споредба со минатото. Додека, помалку образованите даночни обврзници кои сметаат дека даночниот систем во државата не е фер, сметаат дека нивото на корупција на централната власт е поголемо во споредба со минатото и тоа за 13 пати повеќе од истиот став на пообразованите лица“, се вели во студијата.

Според личните примања, повисокото ниво на даночен морал е забележан даночни обврзници со повисоки приходи над 50 илјади денари.

„Најголем дел на даночните обврзници од чии приходи се над 40 илјади денари би плаќале повисоки даноци но да живеат во странство. Тие се информирани за даночниот систем во државата и плаќаат повеќе данок за разлика од лицата со пониски примања, но од друга страна тие не веруваат дека правото владее и се на мислење дека нема квалитетни јавни услуги па поради тоа самите плаќаат за дополнителни услуги како образование и здравство во приватниот сектор. Оттука, тие не би сакале да плаќаат даноци за јавни услуги кои не ги користат. Нивната висока информираност за даночниот систем, владеењето на правото кое не се почитува во државата и неказнивоста која е голема можеби доведува да сметаат дека ќе имаат високи приноси од нивните високи приходи за неплатен данок бидејќи неказнивоста е висока“, велат од ЦЕА.

Од друга страна, лицата кои имаат ниски месечни примања покрај тоа што се малку информирани за даночниот систем во државата и системот не им е доволно јасен, немаат доверба во трошењето на даноците од страна на локалната и централната власт.

„Имено, поради ниските примања тие помалку избегнуваат да купуваат производи и услуги на сивиот пазар за кои не се плаќа данок за разлика од лицата со високи примања, па преземаат повеќе ризик за избегнување на плаќањето на данок особено ДДВ. Поради таа причина, тие немаат доволно цврст став дека даночните стапки на даноците треба да се намалат, не колку кај лицата со средни и високи примања. Меѓутоа, сепак повеќе сакаат да плаќаат пониски даноци и да останат да живеат во Северна Македонија. Истовремено лицата со високи примања за 6 пати повеќе од лицата со ниски примања сметаат дека побогатите треба да имаат повисока стапка на оданочување. Оттука тие можеби и не стравуваат од високите даноци бидејќи сметаат дека повисоките даноци веројатно би значело и добивање на поквалитетни услуги и доброволно се стремат кон исполнување на даночните обврски“, се вели во студијата.

Пристапот и методологијата која е користена за подготовката на оваа анализа се состои од прибирање и анализа на секундарни и примарни податоци, преку канцелариско истражување и преку собирање на информации од спроведен прашалник. Примарните податоци се собрани преку директно теренско истражување на репрезентативен примерок – хетерогена популација преку користење на повеќе-етапен случаен примерок со големина на примерокот е 1.000 испитаници.