„Младите заслужуваат соодветно домување“ – одржана работилница во студентскиот дом „Гоце Делчев“

Младите дискутираа околу предизвиците со кои се соочуваат при домувањето

Фото: Организацијата за домување и станари (ОДС)

Во студентскиот дом „Гоце Делчев“ во Скопје вчера се одржа последната работилница „Активни млади за соодветно домување“ на која се идентификуваа предизвиците и младинскиот ангажман во решавањето на станбените прашања кај младите лица.

На работилницата учествуваа повеќе од дваесет студенти коишто ги детектираа проблемите со кои се соочуваат во својот дом – семеен, студентски или под кирија – и потенцираа што за нив претставува идеален дом.

„Соодветното домување обезбедува безбедност и сигурност, простор што треба да овозможи спокој којшто ќе биде усогласен со трошоците за живот. Тоа е основното човеково право и секој еден заслужува да има квалитетно домување, особено младите лица како најранлива популација којашто се соочува и со трошоци и со невработеност. Младите треба да се вклучат во општествен ангажман којшто ќе значи подобрување на условите за квалитетно домување“, рече Маја Сталеска, претседателката на Организацијата за домување и станари (ОДС). 

Таа потенцираше дека вдомувањето претставува еден од најрелевантните проблеми за младите и оти статистиките покажуваат дека 75 отсто од младите живеат со нивните родители.

Билјана Дуковска, претседателката на Македонската платформа против сиромаштија,  истакна дека периодот на студирање е исклучително тежок и ранлив, па затоа и студентските домови треба да обезбедат основна згриженост на младите лица, да обезбедат дополнителни услови што ќе им помогнат да се изградат до моментот додека самите не можат да си дозволат сѐ.

Урбаниот социолог Ива Петрунова посочи дека квалитетно домување е чувството на  сигурност кое е важно за менталното здравје. Таа посочи дека во земјава не постои стандард и класификација за живеалиштата соодветно нивната површина.

Петрунова сподели податок дека во светот стандардот за домување е 25 квадратни метри за еден човек, ако станува збор за под 50 се проценува за гарсоњера, но доколку се има и дете тогаш потребно е живеалиштето да биде повеќе од 50 квадратни метри, што за жал, не е реален стандард во нашата држава.

Досега се одржаа три работилници организирани од ОДС, со поддршка на регионалниот проект СМАРТ Балкан – Граѓанско општество за поврзан Западен Балкан, имплементиран од Центарот за промоција на граѓанското општество (CPCD), Центарот за истражување и креирање политики (ЦИКП), Институтот за демократија и медијација (ИДМ), а финансиски поддржан од министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка.