Младинскиот самит за климатски промени ќе се одржи во МКЦ на 20 октомври

Младите ќе имаат вистинска можност да продонесат во преговорите за климатските промени на меѓународно ниво на Младинскиот самит за климатски промени. Самитот што ќе се одржи во Скопје е закажан за 20 октомври во Младинскиот културен центар (МКЦ).

Младите луѓе на возраст од 15 до 24 години ќе имаат можност да водат дијалог со носителите на одлуки и меѓународната заедница, да разменат мислења и да ги искажат своите ставови за животната средина и климатските промени. Исто така ќе можат да се поврзат со своите врсници од целата земја кои се посветени на заштита на животната средина и климатските промени.

Преку самитот во Скопје, младите луѓе од нашата земја ќе придонесат кон градење на ставовите на младите, кои ќе бидат преточени во документ наречен „Младинска декларација за климатски промени“, кој ќе биде споделен со националните и глобалните лидери и носители на политики.

Ставовите од „младинска декларација за климатски промени“ ќе бидат пренесени и на Конференцијата за климатски промени на Обединетите Нации (COP26) од 1-ви до 12-ти ноември преку конференцијата за млади (UN Climate Conference of Youth – COY16) која се одржува од 28-30 октомври во Глазгов, Обединетото Кралство.

Градењето на ставовите на Самитот во Скопје ќе се надоврзе на ставовите од младите кои произлегоа од настанот „Youth4Climate: Driving Аmbition“, кој се одржа во Милано, Италија.

Младинскиот самит за климатски промени кој ќе го отвори претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски ќе се пренесува во живо на Фејсбук.

Модератор на самитот ќе биде новинарот и активист, Огнен Јанески. Учество ќе земат и бројни амбасадори и министри.

На панел сесијата насловена како „Климатска акција и улогата на младите“ на младите ќе се обратат Н.Е. Андреа Силвестри, Амбасадор на Италија, Н.Е. Кристин Форсгрен Бенгтсон, Амбасадорка на Шведска, Насер Нуредини, министер за животна средина и просторно планирање, Крешник Бектеши, министер за економија и Петар Барлаковски, претставник на младите во ОН.

Краток осврт на главни заклучоци од настанот „Младите предводници на амбицијата“ од Милано, Италија ке дадат Насер Велиу и Ангела Бушеска, претставници на младите од земјава во Милано, Италија.

На втората панел сесија „Гласот на младите за климатски промени“ ќе зборуваат Патрициа ДиЏовани, претставник на канцеларијата на УНИЦЕФ, Н.Е. Рејчел Галовеј, Амбасадорка на Обединетото Кралство, Мила Царовска, министерка за образование и наука, Наумче Мојсовски, директор на Агенција за млади и спорт. А, ќе ја модерираат Петар Барлаковски, претставник на младите во ОН и Ангела Бушеска, МК претставник на младите во Милано, Италијa.

Мл адинскиот самит за климатски промени е иницијатива водена од младите луѓе, поддржана од УНИЦЕФ и финансирана од Шведската агенција за меѓународен развој (Сида), и организирана во партнерство со Амбасадата на Италија како еден од домаќините на Младинскиот самит за климатски промени на ОН во Милано, Италија и Амбасадата на Обединетото Кралство, како земја домаќин на Конференцијата за климатски промени на ОН, ОН во Глазгов.