Нема да дозволам во ниеден момент оваа анкетна комисија да се претвори во парасудски орган. Ние сме пратеници и политичари и ќе бараме политичка одговорност за т.н. скандал „Онкологија“, кој сите знаеме дека всушност е трагедија „Онкологија“, рече денеска претседателката на анкетната комисија Рашела Мизрахи.
„Од наодите на анкетната комисија може да произлезат заклучоци кои се основа за поведување постапка за утврдување одговорност на носителите на јавните функции, согласно членот 76 од Уставот. Искрено се надевам и верувам дека ова ќе биде првата анкетна комисија која ќе ја заврши задачата и ќе утврди наоди и ќе предложи решенија“, рече таа.
Мизрахи потсети дека комисијата добила мандат во 2020 година и кажа дека за случајот ќе се информира не само од актуелниот министер за здравство, туку и од поранешни министри.
„Следната седница ќе биде закажана за во понеделник попладне или за во вторник. Денеска им беше соопштено на членовите дека би работеле секој ден вклучувајќи и викенди. Очекувам дека ќе имаме заклучоци за вистината, дали има или нема одговорност во настанатиот случај. Очекувам да имаме заклучоци, но и да превенираме вакви трагедии во иднина“, додаде Мизрахи.