Близу еден милион евра потрошила претходната влада за набавка на два ЛЕД-дисплеи, соопшти денеска пред новинарите и пред јавноста директорот на Службата за општи и заеднички работи, Пеце Мирчески.

– Во услови кога Македонија била во севкупна економска и социјална криза, која била потребата некој да набавува ЛЕД-екрани за близу еден милион евра – праша тој.

Според постојната документација, првата од овие две набавки е за ЛЕД-дисплеј кој е наменет за фасадата за новата зграда на Факултетот за драмски уметности.  Таа е направена во 2015 година, а за дисплејот се платени 340.000 евра.

Вториот договор е склучен во 2016 година, за набавка на ЛЕД-екран за надворешна употреба, кој е поставен на палата АСНОМ. Овој дисплеј е платен 650.000 евра.

– Симптоматично е што овие исклучително нерационални набавки, платени со пари на граѓаните, ги направила една иста компанија. И во двата случаи фактурите се платени само еден ден по нивната испорака. Владата на Република Македонија, како и сите органи и министерства, ќе преземаат соодветни мерки секогаш кога ќе бидат констатирани и докажани злоупотреба на службената должност и злоупотреба на парите на даночните обврзници, во рамките на процедурите и интерните акти на институциите – рече Мирчески.

Тој изрази очекување дека соодветна постапка ќе преземе Основното јавно обвинителство.