Фото: Daniel Schludi на Unsplash

Република Северна Македонија во февруари ќе ги добие првите дози на вакцината против вирусот SARS-CoV-2, предизвикувачот на ковид-19, соопшти Министерството за здравство.

„Денеска попладне е постигнат директен договор со компанијата а количината ќе биде позната во текот на следните недели“, посочија од Министерството додавајќи дека следните дози од вакцината на Фајзер ќе пристигнат во март и април.

Оттаму додаваат дека Министерството за здравство продолжува разговори за обезбедување вакцини и преку преговори со земјите членки на ЕУ како и преку Ковакс механизмот од каде се очекува распоредот и датумот за дистрибуција на првите количини.

„Ова е одлична вест за сите граѓани и прв чекор кон конечна победа над пандемијата“, се вели во соопштението од Министерството при што се додава дека во јануари се очекуваат и фрижидерите за складирање на овие вакцини „и со тоа македонскиот здравствен систем ќе биде целосно подготвен за вакцинацијата“.

Веста на својата официјална Фејсбук-страница ја објави и министерот за здравство, Венко Филипче.