fbpx

Минимален попуст на патарините со електронска наплата за редовните возачи

-

Електронската наплата на македонските патарини долж Коридорот 10 ќе стартува во текот на месецов и со неа за прв пат ќе се воведе минимален попуст за редовните корисници на оваа услуга. Со најновата одлука на владата за висината и начинот на наплата на овој надоместок, редовните корисници ќе добијат попусти од 2 до 7 отсто на патарините при надополнувањето на безконтактните картички и таговите како уреди за електронска наплата на патарина.

Електронските картички ќе можат да се купат по цена од 100 денари, додека таговите ќе чинат 1.200 денари. И двата начини на наплата ќе бидат неперсонализирани, што значи дека повеќе возила ќе можат да ги користат, без разлика дали станува збор за правни или физички лица. При надополнувањето на картичките или таговите, возачите ќе добијат попуст од 2 отсто доколку надополнетата сума изнесува од 301 до 10.000 денари, 3 отсто попуст за надополнета сума од 10.001 до 50.000 денари, 5 отсто попуст за надолнета сума од 50.001 до 300.000 денари и 7 отсто намалување на цената за патарина при надополнување на сума од над 300.001 денари.

Сепак, и со најновата одлука на владата нема намалување на надоместокот за извозено растојание. И понатаму патарината ќе изнесува 2,5784 денари по изминат километар по автомобил, која всушност првично беше зголемена со одлуката на претходната влада во 2014 година. Единствено намалување има за мотоциклистите, кои се воведени како посебна категорија на возила, кои ќе плаќаат од 10 до 40 денари поевтина патарина од автомобилите.

Како што веќе пишуваше „Мета“, граѓаните кои во работните денови ќе патуваат меѓу Скопје и Гостивар, во јуни, за својот автомобил, ќе треба да издвојат 5.320 денари за патарини. Со електронската наплата, доколку ја надополнат својата картичка или таг за оваа сума, возачите би заштедиле за патарина 106 денари, односно за овој месечен надоместок ќе треба да издвојат 5.214 денари. На годишно ниво, доколку се патува меѓу Скопје и Гостивар по 19 работни денови во месецот, без електронска наплата возачите на автомобил би платиле 63.840 денари. Со надополнувањето наеднаш на оваа сума еднаш во годината, возачот би заштедил на патарини годишно 3.192 денари или за патарини би платил 60.648 денари.

Од електронскиот начин на наплата на патарините најголема корист ќе имаат компаниите од областа на транспорт на стока и патници, кои секојдневно со автобуси и камиони по неколку пати ги минуваат наплатните рампи во земјава. За оние што не патуваат секојдневно по автопатите, од Јавното претпријатие за државни патишта известуваат дека наредните денови ќе биде пуштена во употреба патарината кај Гевгелија, каде ќе треба да се плати по 100 денари по автомобил за еден правец. За неколку месеци ќе се пушти во употреба и патарината кај Демир Капија, на која надоместокот по автомобил ќе изнесува 80 денари.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

(АНАЛИЗА) Наплата на даноци и трошоци за плати и комуналии во 2023: Струга, Тетово, Чаир и Скопје

„Договорни услуги“ во износ од стотици илјади евра, платите и придонесите доминантна трошковна ставка во буџетите на локалните власти. Во второто продолжение на „Анализа“ се претставуваат податоци за приходите...