fbpx

Мета факт: Сè уште нема поврат на персонален данок за сите нововработени млади до 29 години

Од Владата велат дека периодов се прават анализи и координација меѓу ресорните институции за тоа како ќе се одвива целиот процес, но бидејќи до овој момент нема најава за поврат на персоналниот данок на младите работници, ова ветување го оценуваме како неисполнето

-

Поврат на персонален данок за сите нововработени до 29 години во првите две години од работењето – ова ветување стои во предизборната програма на владејачката СДСМ за парламентарните избори во 2020 година. СДСМ на чело со Зоран Заев тогаш ја формираше новата владина коалиција, но и по неговото заминување од премиерската позиција, ветувањето за поврат на персоналниот данок за нововработените млади остана и е дел од програмата за работа на Владата предводена од актуелниот премиер Димитар Ковачевски. Од Владата велат дека периодов се прават анализи и координација меѓу ресорните институции за тоа како ќе се одвива целиот процес, но бидејќи до овој момент нема најава за поврат на персоналниот данок на младите работници, ова ветување го оценуваме како неисполнето.

Во Програмата на активности 2020 -2024 на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) пишува дека персоналниот данок на сите нововработени до 29 години во првите две години од работењето ќе им биде вратен. Ова ветување во предизборната програма на владејачката партија се споменува дури три пати.

„Поврат на персонален данок за сите нововработени до 29 години во првите две години. Парите ќе одат директно на сметките на младите“, се вели во делот „НОВА МАКЕДОНСКА ЕКОНОМИЈА – МК РЕСТАРТ“ на осмата страница од Програмата.

„На сите млади (до 29 години) кои се нововработени во приватен сектор, државата ќе им ги враќа уплатените пари од персонален данок директно на нивна сметка во првите 2 години од работењето“, ветува СДСМ во делот „Реконфигурација на ДДВ“.

„Поврат на персоналниот данок на доход за сите нововработени под 29 години, во првите две години“, најавува уште еднаш сега владејачката партија во својата програма во делот каде што ветува зајакнување на директната поддршка на македонските компании.

Ветувањето беше повторувано од многумина политичари од редовите на СДСМ на повеќе партиски собири, митинзи, јавни настапи и средби со граѓаните, како и на социјалните мрежи преку локалните и општински ограноци на партијата.

фото: ЛК СДММ Штип / Фејсбук (7 јули 2020 година)

Откако тогашниот премиер Зоран Заев ја формираше и новата владина коалиција, ова ветување најде место и во Програмата за работа на Владата за периодот 2020 – 2024 година.

„Во овој домен, главната задача на оваа Влада ќе биде да ја вратиме довербата на младите во извесна и сигурна иднина во нашата држава, и затоа ќе водиме и таргетирани политики за зголемување на нивната вработеност: … Поврат на персоналниот данок на доход за сите нововработени под 30 години, во првите две години при што средствата ќе се враќаат директно на нивна сметка“, се вели во Програмата за работа на Владата за периодот 2020 – 2024 година.

Откако Зоран Заев даде оставка од премиерската функција која потоа ја презеде сопартиецот Димитар Ковачевски, ветувањето за поврат на персоналниот данок на нововработените млади се најде и во новата владина програма.

„Ќе се овозможи поврат на персонален данок на доход за сите нововработени млади под 30 години со што средствата ќе се враќаат назад директно на нивната сметка и со тоа овозможуваме дополнителен прилив директно на нивните сметки“, стои во Програмата за работа на Владата на Република Северна Македонија за периодот 2022–2024 година.

Мета.мк упати прашање до Владата за тоа до каде е исполнувањето на ова ветување од предизборната програма на СДСМ од 2020 година и од програмата на премиерот Димитар Ковачевски од 2022 година и од кога може да се очекува поврат на персоналниот данок за сите нововработени млади.

Во краткиот одговор од Владата, без дополнителни појаснувања, велат дека периодов се прават анализи и проценки и се координираат институциите околу овој процес.

„Во врска со Вашите прашања, Ве информираме дека периодов се прават анализи, проценки и координација меѓу ресорните институции за тоа како ќе се одвива целиот процес. Кога ќе бидат достапни конкретни информации, јавноста ќе биде информирана. Мерката е предвидено да се имплементира заклучно со 2024 година“, велат од Владата.

Врз основа на одговорите добиени од страна на Владата, можеме да заклучиме дека владиното ветување за поврат на персоналниот данок на сите нововработени млади под 30 години во првите две години од работењето, до овој момент не е исполнето.

 

ИЗВОРИ:

Програмата на активности 2020 -2024 за Парламентарните избори 2020 година на СДСМ, проверено на 4.4.2023 година;

Програма за работа на Владата за периодот 2020 – 2024 година, проверено на 4.4.2023 година;

Програма за работа на Владата на Република Северна Македонија за периодот 2022–2024 година, проверено на 4.4.2023 година.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Песните на изведувачите од „Јуниверзал“ се враќаат на ТикТок

Музиката на изведувачите под крилото на мултинационалната музичка корпорација „Јуниверзал Мјузик“ (Universal Music) ќе се врати во ТикТок откако двете страни склучија нов договор за компензација на артистите по...