Универзитетот „Мајка Тереза“ наскоро со нов кампус во касарната „Илинден“

Целиот процес треба да резултира со надминување на недостигот на соодветни инфраструктурни услови за Универзитетот „Мајка Тереза“

Извор на фотографија: Министерство за образование и наука

Државниот универзитет „Мајка Тереза“ во Скопје наскоро ќе биде преместен во кругот на поранешната касарна „Илинден“ каде согласно владина одлука од минатата година, дел од објектите етапно се отстапуваат и уредуваат за потребите на оваа високообразовна установа, информираат од Министерството за образование и наука (МОН).

За интензитетот на активностите денеска на средба во просториите на Министерството за образование и наука разговараа министерот Јетон Шаќири и ректорот на универзитетот, проф. д-р Изет Зеќири.

Целиот процес треба да резултира со надминување на недостигот на соодветни инфраструктурни услови за Универзитетот „Мајка Тереза“, со кој во моментов се соочува последниот универзитет основан од државата.

„Дел од сегашните студентски генерации, како и многу нови ќе следат настава во најсовремени предавални и амфитеатри. Оваа наша заложба е дел од напорите за обезбедување на што подобри услови за образование за младите. Тие мора да бидат задоволни од тоа што им го нуди земјата, за да бидат и доволно мотивирани да возратат по дипломирањето, вложувајќи го својот интелектуален капацитет токму тука“, рече министерот Шаќири.

Ректорот Зеќири се заблагодари за поддршката која ја добива од државата за развој на универзитетот и изрази уверување дека успешната приказна која ја гради високообразовната установа ќе продолжи и во иднина.

Универзитетот „Мајка Тереза“ во моментов функционира во објект во центарот на Скопје, како привремено решение до конечната изградба на универзитетскиот кампус. За шест години откако е основан на овој универзитет, на петте факултети во неговиот состав се нудат 36 студиски програми, на кои се запишале над 3.000 студенти.