fbpx

Мета факт: Општина Ѓорче Петров не ги отвори вратите за практична работа на младите во аминистрацијата

„Проектот досега не беше отпочнат поради наследени проблеми од минатите години, поради што општинската администрација беше насочена кон санирање на други проблеми кои влијаеја на функционалноста на општината“, велат од општина Ѓорче Петров

-

Градоначалникот на општината Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, во својата предизборна програма насловена како „За Ѓорче Петров гарантираме, создади нова иднина!“, на 53 страница дал ветување дека ќе реализира проект наменет за младите насловен како „Практика во општината“. Согласно овој проект, треба да им се овозможи на младите да работат во општинската администрација. Сепак, до овој момент, проектот не е реализиран, па затоа ова ветување го оценуваме како неисполнето.

За време на предизборната кампања, односно во неговата предизборна програма, Стојкоски на 53 страница напишал:

„Општината да ги отвори вратите за младите и студентите преку овозможување практична работа во општинската администрација. На овој начин ќе се обезбеди промоција на работата во oпштината, ќе се ангажираат млади од различни сектори (машинство, право, економија, урбанизам, архитектура, градежништво, ИТ, новинарство) и ќе се поврзат активностите на oпштината со барањата и проблемите на младите“. 

 

Како рок за реализација на проектот е наведен 2021 – 2025 година, а вредноста е проценета на 120.000 денари, пари кои ќе се обезбедат од општинскиот буџет.

Мета.мк побара одговори и информации во општината во врска со овој проект. Прашавме колку млади и студенти досега биле на практична работа во општината од октомври 2021 до мај 2023 година, потоа, од кои области биле младите и студентите кои биле на пракса, со какви знаења се стекнале, дали нивните барања и проблеми биле слушнати од општинската администрација и дали можеби некои од нив станале дел од активностите на општината за нивно решавање. Мета.мк праша и какви проблеми и потреби рекле младите дека имаат, како и дали, согласно своите надлежности, општинската администрација излегува во пресрет на барањата на младите и на студентите. Освен тоа, прашавме и за што конкретно се троши предвидениот буџет од 120.000 денари, наменет за овој проект и колку од наведената сума веќе е потрошен.

На овие прашања одговори не добивме бидејќи проектот досега не дошол на ред за реализација, оти, како што ни појаснија во општината, биле решавани други наследени проблеми што ги имала локалната самоуправа.

„Проектот досега не беше отпочнат поради наследени проблеми од минатите години, поради што општинската администрација беше насочена кон санирање на други проблеми кои влијаеја на функционалноста на општината. Овие проблеми се надминати, општината со засилена динамика се стабилизира и во наредниот период ќе се отворат можности за повеќе вакви активности и проекти од типот на проектот „Практика во општината”, наведуваат оттаму.

Од општина Ѓорче Петров објаснуваат дека практиката во општината е предвидена за да им се овозможи на младите да осознаат повеќе за работата на општината, административните работи, како и да бидат упатени во функционирањето на градоначалникот и локалната самоуправа.

„Проектот останува приоритет на градоначалникот Стојкоски и истиот ќе почне да се имплементира во најбрз можен рок, односно веднаш по ребалансот на буџетот, со цел да се обезбедат доволно средства за покривање на сите расходи кои што општината ќе ги направи за реализирање на овој проект. Пријатно сме изненадени поради заинтересираноста од Ваша страна како медиум за овој проект, како и за неговата имплементација. Во текот на наредниот период ќе бидете известени за отпочнувањето на овој проект и динамиката за неговото спроведување, како и за придобивките кои што општината и младите ќе ги имаат од меѓусебната соработка“, потенцираат од општината.

Врз основа на одговорите до кои дојде Мета.мк, може да се заклучи дека досега не е исполнето ветувањето на градоначалникот на општината Ѓорче Петров, Александар Стојкоски дека ќе им овозможи на младите да доаѓаат на практична работа во општинската администрација.

 

ИЗВОРИ:

Предизборна програма „За Ѓорче Петров гарантираме, создади нова иднина!“, проверено на 01.06.2023 година;

Изјава од Општина Ѓорче Петров.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...