fbpx

Мета факт: Неисполнето ветувањето на градоначалникот Бобан Стефковски за изградба на спортски центар на Вардариште

-

Актуелниот градоначалник на скопската општина Гази Баба, Бобан Стефковски во предизборниот период пред локалните избори што се одржаа во октомври 2021 година вети чистење на отпадот од Вардариште и изградба на спортско-рекреативен центар на оваа локација. Ваквите изјави на градоначалникот Стефковски се невистинити. Претворањето на Вардариште во спортско-рекреативен центар не се случи, а на некои делови од оваа локација и понатаму се фрла ѓубре, се гори отпад и се загадува животната средина.

Во интервјуто за порталот Инфомакс, пренесено од Курир на 25 август 2021 година, кандидатот за градоначалник од партијата ВМРО-ДПМНЕ, Бобан Стефковски вели: „Мојата амбиција е и депонијата Вардариште која беше толку чест проблем во минатото да биде нов спортско-рекреативен центар“.

Само неколку дена подоцна, порталот Република на 7 септември 2021 година објави текст од презентацијата на ВМРО-ДПМНЕ на кандидатот за градоначалник на општина Гази Баба, Бобан Стефковски. Тој вети дека во наредните четири години од неговиот мандат ќе бидат расчистени сите диви депонии на територијата на оваа локална самоуправа, и порача дека депонијата Вардариште ќе биде затворена, а на нејзиното место ќе биде изграден спортско-рекреативен центар.

За да провери до каде е исполнувањето на ваквото ветување дадено во изјавите на градоначалникот Бобан Стефковски, Мета.мк во три наврати по електронска пошта ја контактираше Општина Гази Баба. Барање за одговори на прашања испративме на 30 ноември, 5 декември и 9 декември, но до денешен ден не добивме одговори на поставените прашања.

Градоначалникот го прашавме за тоа што досега е направено од Општина Гази Баба за чистење на отпадот од локацијата Вардариште и за спречување на палењето отпад на оваа локација, но и што досега како локална самоуправа направиле за да се изгради ветениот спортско-рекреативен центар.

Покрај тоа што не добивме одговори на прашањата, Мета.мк беше на терен на Вардариште на 9 јануари 2023 година и на терен утврдивме дека на локацијата не е изграден спортско-рекреативниот центар, ниту пак е отстрането сето ѓубре од ова место кое го фрлаат несовесните граѓани. Дополнително, од нашите снимки направени од дрон јасно се гледа дека на оваа локација се гори отпад, а со тоа и се загадува воздухот во Скопје.

Околу Вардариште забележавме дека почнале да се градат нови згради, но пренамената на Вардариште од депонија во спортско-рекреативен центар не е ниту започната со реализација на терен.

Инаку, деталниот урбанистички план (ДУП) за локацијата Вардариште беше усвоен од страна на советниците во скопската општина Гази Баба во 2020 година. Весникот Вечер од 28 мај 2020 година објавил дека Советот на општина Гази Баба ќе гласа за деталниот урбанистички план СИ 09, блок 1, на којшто е предвидена изградба на паркови и спортски терени. Доказ дека е усвоен ДУП-от за оваа локација во 2020 година може да се најде и на веб-страницата на Општина Гази Баба, каде што е прикачен усвоениот ДУП за локацијата Вардариште.

На местото на некогашната скопска депонија, но и сегашна актуелна локација за нелегално фрлање и палење на отпад со кој се загадува воздухот во населбите Ново Лисиче, Лисиче, Вардариште и Керамидница, во ДУП-от е предвидено да се градат објекти за спорт и рекреација на дури седум парцели. Површината на градежните парцели се простира на дури 135.277 метри квадратни, површината за градење на спортско-рекреативните центри е на 43.910 метри квадратни. Спортските објекти што ќе никнат можат да бидат на приземје и еден кат, а освен за спортски активности, на сите парцели е оставена можност како компатибилни класи на намена во објектите да има и простори за мали комерцијални и деловни единици, големи трговски единици, големи угостителски единици, деловни простори, хотелски комплекси, простори за собири и култура, како и парковско зеленило.

Во актуелниот ДУП за Вардариште се предвидени и парцели за изградба на парковско зеленило, кое зеленило покрај тоа што е планирано во рамките на седумте парцели за спортско-рекреативни дејности, има и посебна парцела со површина од 9.413 метри квадратни која е предвидена да биде парк. На Вардариште е предвидено да се имплементира и дополнително заштитно зеленило на местото на поранешната скопска депонија.

Бобан Стефковски ја презеде функција градоначалник на Општина Гази Баба на 25 октомври 2021 година, а неговиот мандат трае до октомври 2025 година, односно тој има помалку од три години за да го исполни ваквото ветување за претворање на Вардариште во спортско-рекреативен центар.

Сепак, од посочените информации во актуелниот ДУП за локацијата Вардариште, станува јасно дека ветениот спортско-рекреативен центар од негова страна е всушност огромен простор од над 135.000 метри квадратни којшто треба да се исчисти целосно од отпад, да се доврши ремедијација на теренот во којшто под земјата има закопани огромни количества на ѓубре, и за секоја одделна парцела од вкупните седум места за градење спортски терени да се изработи проектна документација за градење од Општината Гази Баба или да се распише јавен повик за склучување на јавно-приватно партнерство за изнаоѓање на инвеститори за седумте планирани спортско-рекреативни објекти.

Потоа, на секоја локација одделно треба да се изградат засебните објекти за спорт и рекреација, при што ќе биде потребен период од неколку месеци преку тендер за секоја парцела одделно да се пронајде градежна компанија што ќе ја избере општината или приватниот инвеститор за да ги изведува работите, но и период на изградба што може да биде многу долготраен, земајќи предвид дека една од парцелите предвидува објект со вкупно развиена површина од фантастични 66.157 метри квадратни.

За да се заврши спортско-рекреативен центар од волку голем обем е потребно да се работи на неговата имплементација уште од првиот ден на стапувањето на функцијата на градоначалник, а од нашата посета на самата локација Вардариште на 9 јануари 2023 година утврдивме дека не само што не се започнати градежните работи за изведба на спортско-рекреативен центар на некоја од седумте локации за градење, туку на ова место и понатаму се расфрла отпад којшто не е расчистен од надлежните власти.

Врз основа на сите погоре наведени аргументи, можеме да оцениме дека актуелниот градоначалник на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски во периодот пред изборите во 2021 година има дадено изјава за тоа дека ќе ја претвори локацијата Вардариште во спортско-рекреативен центар која е невистинита, односно до денешен ден не е ниту отпочната неговата реализација на терен.

 

ИЗВОРИ:

Веб-страница на општина Гази баба: Детален урбанистички план СИ 09, блок 1, проверено на 14.12.2022 година.

Курир.мк (25.8.2021 година): Интервју на кандидатот за градоначалник на општина Гази Баба Бобан Стефковски: Ќе ги слушам граѓаните, со домаќинско работење може да се направи многу, проверено на 14.12.2022 година.

Република.мк (7.9.2021 година): Стефковски: Во Гази Баба уште сега се чувствува позитивна енергија за убедлива победа на ВМРО-ДПМНЕ, проверено на 14.12.2022 година.

Вечер (28.5.2020 година): Дали на еколошкиот чир „Вардариште“ ќе никнат спортски терени и паркови?, проверено на 14.12.2022 година.

МИА.мк (25.10.2021 година): Стефковски: Гази Баба ќе биде модерна и инфраструктурно развиена, општина гордост на Скопје, проверено на 14.12.2022 година.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Деновите од изборите ќе се одработат, учениците подолго ќе престојуваат во училиште

Министерството за образование и наука информира дека наставата од деновите на гласање - 24 април и 8 мај, како и од 30 ноември кога беше организиран Самитот на ОБСЕ...