Стејт департментот со критики до Вучиќ: Во демократски општества нема место за валкани методи против граѓаните

Одделот за Европа и Азија на американскиот Стејт департмент објави остра критика упатена кон српскиот претседател Александар Вучиќ кој во телевизиско гостување го навреди американскиот предавач на универзитетот Џонс Хопкинс и поранешен заменик-шеф на мисијата на ОБСЕ на Косово, Едвард Џозеф.

„Во демократски општества нема место за валкани методи против граѓаните, како оние што се користат против Едвард Џозеф“, гласи објавата на Твитер со која е споделена е и реакцијата на Џозеф.

Во неа тој наведува дека претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во гостувањето на една од српските телевизии на 30 декември, упатил сериозни, неосновани обвинувања против него,

Во соопштението на Стејт департментот се додава и дека независните гласови и граѓанските организации промовираат одговорност и транспарентност.

„Ги цениме оние кои градат мирно општество на Западен Балкан“, велат од Стејт департментот во твитот со кој е споделена и фотографија на Џозеф во друштво на Габриел Ескобар, заменикот-помошник секретар во Бирото за европски и евроазиски прашања на Стејт департментот.

Минатата недела, како гостин на ТВ Прва, Александар Вучиќ го нарече Џозеф „албански бот“ поради она што американскиот професор и дипломат го кажа претходно истиот ден во интервју за регионалниот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ).

Нарекувајќи го Џозеф „гад“, Вучиќ без да поткрепи со докази, во интервјуто во студиото на српската телевизија изјави дека овој познавач на состојбите на Балканот добива „многу пари од албанското лоби“.

Од друга страна, поранешниот заменик-шеф на мисијата на ОБСЕ на Косово во интервјуто за РСЕ, зборувајќи во контекст на барикадите што групи локални Срби ги користеа за да ги блокираат патиштата на северот на Косово речиси три недели, рече дека Вучиќ „манипулира со САД и ЕУ“.

Тој изјави и дека мирот на Косово, по напуштањето на барикадите, ќе трае додека Александар Вучиќ не одлучи дека повторно му треба криза на Косово.

По обвинувањата на Вучиќ, тој на Твитер одговори дека станува збор за „целосно лажно тврдење“ за наводните финансиски врски меѓу него и „албанското лоби“.

„Вучиќ нема докази за да ги поткрепи неговите сериозни обвинувања бидејќи таква врска нема и никогаш не постоела. Моите ставови се производ на десетгодишна работа на терен – во сите конфликти на Балканот, вклучително и воените години“, напиша Џозеф.

Тој додаде дека Вучиќ со навредите упатени кон него уште еднаш го покажал својот карактер.

„Непристојно“ е љубезен српски збор за лошото однесување на Вучиќ. Дипломатите треба да ја почитуваат функцијата на претседателот на Србија. Нејзиниот носител? Не толку“, истакна Џозеф.