Мета-факт: На Водно не е засадено ниту едно дрво како компензација за гасоводот

-

Нема нови дрвја засадени на Водно како компензација за изградбата на гасоводот чија изградба започна во 2018 година. Како одговор на многуте реакции на граѓаните и еколошките организации заради одлуката трасата на гасоводот кон Гостивар да се движи преку парк шумата, што неминовно беше сечење здрави децениски дрвја, Владата во својот План за чист воздух предвиде компензација од десет нозозасадени за едно исечено дрво. Со оглед на тоа дека досега нема засадено дрвја, можеме да кажеме дека ова ветување не е исполнето.

Во Планот за чист воздух, што требаше да се финансира и реализира до 2020 година, во делот за урбано зеленило стои дека планот за зазеленување со средствата од компензацијата за изградбата на гасоводот на Водно треба итно да се реализира. Оваа мерка беше најавена и на повеќе прес конференции на Владата и надлежните минитстерства, како и на средби со граѓани и со еколошки организации.

Како резултат на ветувањето Владата летото 2018 година одобри 700.000 евра за пошумување, кои со договор меѓу МЕР и Градот Скопје, беа префрлени на наменска сметка на градските власти. Беше формирана и работна група од претставници на јавното претпријатие „Паркови и зеленило“, кое стопанисува со парк-шумата и беше задолжено за садењето и експерти од Шумарскиот факултет кои изработија и План за пошумување. Сепак, досега на терен нема забележлива реализација на овој План.

Директорот на Нома-гас или поранешен МЕР, Бајрам Реџепи вели дека тие го исполниле својот дел од договорот, да ги префрлат парите на сметката на Град Скопје.

„Веднаш по донесувањето на одлуката на Владата во 2018 година, 700.000 евра, колку што беа доделени како компензација за изградбата на гасоводот низ зеленилото на Водно беа префрлени на Градот Скопје. Понатаму требаше да следува планирањето и реализацијата на пошумувањето што е во надлежност на локалната самоуправа, односно на Паркови и зеленило“, вели Реџепи и посочува дека нема информации до каде е оваа постапка, иако градските власти имале обврска да ги известуваат.

Од Градот Скопје и од нивното јавно претпријатие „Паркови и зеленило“ не одговорија на прашањата на Мета.мк што се случува со ветеното пошумување на Водно како компензација за гасоводот. Од Градот Скопје не одговорија ниту дали воопшто се планира ваква активност во скора иднина, ниту пак, во кои делови од парк шумата е планирана оваа активност. Истите прашања ги упативме и до „Паркови и зеленило“, но одговори не добивме.

Еколошките активисти, кои практично се изборија на Водно, колку-толку, да се намали штетата предизвикана од гардежните активности, се разочарани од односот на институциите. Татјана Стојановска од „Го сакам Водно“, вели дека очекуваат детален јавен преглед на начинот на трошење на средствата кои МЕР преку договор ги обезбеди на специјална сметка за Градот, а Градот со тоа стекна обврски кои мора да ги оствари.

„Сметаме дека јавната презентација е клучен чекор во транспарентноста на Градот, особено што овие средства беа доделени преку притисок од јавноста и нашиот граѓански активизам, а беа изнудени преку долги неколкумесечни средби со МЕР и со Владата“, вели Стојановска.

Екологистите потсетуваат дека во тогашната комуникација со МЕР, Градот Скопје и Владата, било договорена обврска МЕР да ја врати ископаната траса во првобитна состојба. Иако во тој дел не е можно пошумување заради тоа што корените на дрвјата би биле опасност за гасоводот, сепак, можноста да се засадат грмушки или се оформи земјана или песочна патека од страна на МЕР, останува отворена.

Тие велат дека во рамките на заштитениот предел на Водно се веќе завршени активностите на гасоводот, па очекуваат и Градот Скопје да започне со реализација на својот дел од договорот со МЕР, за што веќе имаат средства на наменската сметка.

„За жал, не успеавме да го дислоцираме гасоводот од Водно. Но, кога веќе не ја добивме таа битка, со обврзувачкиот договор на Градот со МЕР се обезбеди сума која овозможува едно од најголемите пошумувања и шумарски проекти во државава, гледано со децении наназад. Ни сме упорни и нема да се откажеме“, вели Стојановска.

Извори:

1. План за чист воздух на Владата, 15.11.2018 г.

2. Напис на Радио Слободна Европа од 03.02.2022 г. со наслов: „Шума нема, гас нема, ама привршувал гасоводот низ Водно“

3. Објава на Радио МОФ од 01.07.2020 г. со наслов: „Гасоводот и пошумувањето на Водно закочени, активистите лути на нивото на заштита на Парк-шумата“

4. Изјава на поранешниот министер за транспорт и врски Горан Сугаревски за Тв „Канал 5“ од 03.09.2018 г. во текст со наслов: „Сугаревски: Сечата на шума на Водно од планираните 3.000 ќе се сведе на 1.400 метри кубни дрва“

5. Напис на СДК.мк од 22.08.2018 г. со наслов: „Во пошумување на Водно ќе се вложат 700 илјади евра, нема да ни се познава дека тука поминува гасовод, вели Владата“

Студентскиот пленум на УКИМ се одржа зад затворени врати, без присуство на медиуми

Иако беше најавен преку соопштение до медиумите и јавноста, пленумскиот собир на иницијативата „Независен студентски сојуз УКИМ“ се одржа зад затворени врати. Студентите се повлекоа во аулата на Филозофскиот и Филолошкиот...

Македонија ќе добие 24,5 милиони ева во буџетот од Планот за раст на ЕУ

По успешната подготовка на Реформската агенда на земјата, Северна Македонија е првата земја што ќе го добие предфинансирањето предвидено со Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан, соопшти делегацијата на...

„Виновниците имаат име“: Тетовци протестираа за трагедиите во кои изгореа луѓе

„Луѓето горат, државата се чешла“, „Импровизирана држава“, „Виновниците имаат име“, „Нула толеранција“, „Сите ли треба да изгориме“, „Корумпирана држава“, „Нула страв“, „Колку чини една лиценца“, „Системот е следен“, „Правда без далавери“,...

Нема пари да се доврши Студијата за валоризација – заштитата на Демир Капија е неизвесна

Министерството за животна средина нема предвидено пари во буџетот за ова година за довршување на Студијата за валоризција на подрачјето на Демир Капија, за кое пред три години беше поведена иницијатива...

Студентскиот пленум на УКИМ се одржа зад затворени врати, без присуство на медиуми

Иако беше најавен преку соопштение до медиумите и јавноста, пленумскиот собир на иницијативата „Независен студентски сојуз УКИМ“ се одржа зад затворени врати. Студентите се повлекоа во аулата на Филозофскиот...