Германската канцеларка Ангела Меркел повика да се стави крај на дискриминацијата на испополовите партнери, но го повтори својот став дека бракот е институција што ја склучуваат маж и жена.

Во интервју за ѕвездата на „Јутуб“, Флоријан Мундт или Ле Флоид, Меркел рече дека за неа лично бракот е кохабитација меѓу маж и жена.

– Јас сум за регистрирано партнерство. За тоа сум да немаме никаква дискриминација преку даночното законодавство. Ако и понатаму наидуваме на дискриминација, ќе ја отстраниме – рече германската канцеларка.

Говорејќи за дефиницијата за брак, Меркел рече дека мора да се прифати оти постојат различни мислења за тоа. Прашана накратко да ја резимира сопствената позиција, Меркел рече: „Без дискриминација. Брак како заеднички живот на маж и жена“.

Откако САД и Ирска го признаа бракот меѓу припадниците на ист пол, сè посилни се апелите истото да го направи и Германија, каде истополовите двојки од 2001 година можат да засноваат граѓанско партнерство.