„Нема моментално, од понеделник може да добиеме“, „многу бргу се продаваат“, „да ве запишам на листата на чекање“, „очекуваме од среда – четврток да добиеме“.
Такви одговори добивме во неколку аптеки во центарот на Скопје и во една продавница за здрава храна попладнево, прашувајќи дали има маски за загаден воздух и колку пари чинат.
Кога ќе добијат пратка, аптеките многу бргу ги продаваат маските. Состојбите се менуваат од час на час, бидејќи се прават дотури. Маски најдовме во „Виола“ во ТЦ „Буњаковец“, по цена од 350 денари. Во аптеките на „Еурофарм“ немаше маски за продажба, а ни беше кажано дека имало различни видови, по цени кои почнуваат од 120 денари па до неколку стотини денари.
Во двете дежурни аптеки на „Зегин“ во центарот на Скопје се продавале само најскапите маски, со долготрајна ефикасност, ама сега ги нема, оти бргу се распродале. Ни рекоа да поминеме „од понеделник, можеби ќе добијат“.
Во продавницата за здрава храна „Матија“ на Костурски херои продаваат маска од поцврст материјал, за долготрајна употреба – 599 денари маска и еден филтер ефикасен до еден месец, а потоа мора да купите нов, кој чини 199 денари. Заинтересираните за да купат треба да се запишат на листа на чекање за следната пратка, која се очекува кон средината на следната седмица.