Малку пратеници работат на закони од животната средина, наместо еколошки, често туркаат партиски ставови

Извор на фотографија: Собрание на РСМ

Екологијата и законите од животната средина слабо ги поттикнуваат пратениците во македонското Собрание, да ги надминат партиските ставови и да работат во интерес на граѓаните кои ги изгласале. Иако со еколошките закони треба да се регулираат различни аспекти од животната средина и да се решат многу горливи проблеми со кои секојдневно се соочуваме, само мала група од вкупно 43 пратеници кои ја формираа интерпарламентарната група, составена од членови и на опозициските, но и на партиите кои се на власт, навистина работат и соработуваат со невладиниот сектор и се заложуваат законите од животната средина брзо да ја поминат парламентарната процедура.

Двајца пратеници од групата веќе се изјаснија дека ја напуштаат, но и од останатите 41 пратеник, ретко кој е активен и заинтересиран да допринесе за решавање на проблемите со загадениот воздух, со отпадот, водите или инспекцискиот надзор. Еколошките активисти од О2 Иницијатива, кои беа едни од иницијаторите на формирање на интерпарламентарната група, велат дека бројката од 41 пратеник е повеќе од една третина од парламентарниот состав и би требало да значи лесно и брзо носење на измени во законите кои се од областа на животната средина или влијаат врз неа, но праксата покажува нешто друго.

„На почетокот имавме добра соработка, но само со мал дел од пратениците кои беа активни. Потоа голем дел од активностите не се спроведоа или поради блокирани закони со поднесени над 2.000 амандмани, како во случајот со измените на законот за прекршоци, кој беше блокиран од Алијансата на Албанците и Алтернатива, или поради незакажување, како јавната расправа за малите хидроцентрали. Договорено беше прво започнатите активности да се завршат, а потоа да се нафатиме на нови, но еве нè, сега е јули и состојбата е иста“, велат од О2 Иницијатива.

Според нив, најголема причина за кочењето на работата на интерпарламентарната група е поларизацијата на пратениците од различните партии, особено ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Велат дека пратениците многу полесно доаѓаат во позиција за меѓупартиски препукувања, а многу поретко се проактивни за еколошките теми.

„Преовладува партискиот став, а не пратеничкиот, но се надеваме дека ќе го видиме обратниот процес многу почесто, каде пратениците од оваа група ќе влијаат врз своите сопартијци и пратеници од исти пратенички групи. Ќе видиме есента што ќе покаже и дали ќе се закажат јавните и надзорните расправи и изгласаат заедничките амандмани кои чекаат. Отворената комуникација е клуч за доверба и соработка“, посочуваат екологистите.

Дека само неколкумина пратеници се заинтересирани за екологијата и прашањата од заштитата на животната средина, а уште помалку работат тие закони да поминат низ комисиските и парламентарните расправи, потврдува и пратеникот на владеачката СДСМ, Ненад Коциќ, кој е и долгогодишен еко активист во невладината „Вила Зора“ од Велес и борец за затворање на велешката Топилница.

Сепак, тој не се согласува дека интерпарламентарната група не функционира, и смета дека во досегашното функционирање на Собранието на РСМ има повеќе примери за успешен договор меѓу различните политички субјекти кои резултирале со донесување на очекуваните еколошки закони.

„Не би рекол дека интерпаламентарната група не функционира, ниту пак дека законите од животната средина тешко поминуваат. Еве законите за аерозагадувањето поминаа, забелешките околу законот за рударство беа прифатени. Може да се случи да не поминат некои амандмани, или пак некои пратеници да не се согласуваат со некои делови, но тоа е демократија, дозволени се различни мислења и ставови. Јас, како човек кој доаѓа од невладиниот сектор, секогаш ќе бидам тука да ги сослушам и да ги поддржам граѓанските иницијативи“, вели Коциќ.

Тој смета дека е премногу е оптимистички да се очекува во интерпарламентарната група да бидат активни сите 41 пратеник, кои се согласиле да ги поддржуваат законите од областа на заштитата на животната средина. Во договарањето активни се помалку од десетина, а оние кои навистина работат за да ги поминат низ сите процедури се уште помалку. Она што е добро, смета, е што во таа мала група има пратеници и од позицијата и од опозицијата.

„Секогаш сме горе-долу истите пратеници кои сме вклучени во активностите врзани за заштитата на животната средина. Работиме, лобираме, добро би било да има и поголем број колеги да се активни, но ние не можеме со сила да ги натераме. Добро би било во иднина, на пример кога ќе се договориме одреден закон да помине, бар да не се блокира работата на Собранието, бидејќи и тоа се случуваше. Во екологијата не смее да има политика“, апелира Коциќ.