Нема нови концесии за мали хидроцентрали во Националниот парк „Шар Планина“, туку се работи за објекти чија градба е веќе започната, а за кои се дава нов рок за да се довршат. Министерството за животна средина денеска испрати објаснување дека го почитува договорт и не издава нови концесии за енергетски објекти во заштитени подрачја, откако од управата на паркот и граѓанските еколошки организации реагираа дека на Шара ќе се случуваат градежни зафати на малите хидроцентрали Пена 84 и Пена 85.
„Во однос на малите хидроцентрали во Националниот парк Шар Планина, Владата и МЖСПП строго го почитуваат договореното, што е правно регулирано со Законот за прогласување на Паркот за заштитено подрачје, зонирањето, како и фактичката состојба. За нови мали ходроцентрали нема да се склучуваат договори, а прифатени како постоечка инфраструктура се само веќе изградените“, стои во денешната реакција на Министерството.
Оттаму објаснуваат дека во зоната на одржливо користење продолжуваат со изградба оние кои се веќе започнати со градба, Пена 84, Пена 85 и Караниколос 80. Тие се започнати со реализација пред донесување на Законот за прогласување на Шар Планина, и во Студијата за валоризација се означени објекти во зона на одржливо користење.
„Во однос на Пена 84 не станува збор за нови концесии, туку за продолжување на рокот за изградба во случај кога концесионерот е спречен, не по своја вина да ги изврши потребните активности за изградба и пуштање во употреба на малите централи, при што роковите се продолжуваат за онолку време за колку е утврден застој кој не е предизвикан од концесионерот,“ велат од МЖСПП и додаваат дека продолжувањето на рокот не е поврзано со промената на уделите кај сопственикот, туку со постапките за решавање на имотно правните работи.
Од министерството тврдат дека Пена 84 ќе ја гради истиот концесионер, компанијата „Гравис Хидро“, која имала непроменети права и обврски во однос на реализација на договорот. Исто така велат дека со Физибилити студија било поврдено дека зафатот на Пена 84 е лоциран под водоснабдителниот систем за Тетово и дека оваа мала хидроцентрала не можела негативно да влијае на водоснабдувањето.
Од Министерството информираат дека на Шар Планина се веќе раскинати осум договори за мали хидроцентрали што се наоѓаат во зона на строга заштита и активно користење. Тоа се Лешочка 100, Лешочка 101, Маздрача, Беловишка 107, Вратничка 66, Љуботенска 67 и Пена 82. Дополнително, постигната е согласност и за спогодбено раскинување на договорот за Шеличе 91, која е лоцирана во зоната на одржливо користење, а која не беа започнати градежни активности.
Преговорите со концесионерите се одвиваа во текот на 2021 и 2022 година, кога е постигната согласност за раскинување на договорите за концесија, а на концесионерите ќе им бидат исплатени само извршените вложувања, без други надоместоци на штета и камати за уплатените концесиски надоместоци. Раскинувањето на овие договори ја чини државата над 78 милиони денари или 1,2 милиони евра.