Фото: Принтскрин од страница commonpass.mk

Mрежата „CommonTrust“ и Светски Економски Форум, во рамки на проектот „The Commons Project“ ја создадоа апликацијата „CommonPass“, со цел воспоставување на интероперабилна платформа за взаемно признавање на вакциналните потврди и лабораториските тестови за ковид-19 меѓу државите, информираат од Министерство за здравство.

„Министерството за здравство како поддржувач на развојот на технолошки решенија базирани на меѓународни стандарди, се приклучува кон мрежата „CommonTrust” за издавање на дигитални здравствени сертификати преку новата апликација „CоmmonPass““, соопштуваат од ресорот здравство.

Со овој чекор, додаваат оттаму, на македонските граѓани ќе им се зголемат можностите за добивање на дигитален здравствен сертификат во согласност со глобалниот стандард „Smart Health Card“.

„Тоа за граѓаните ќе значи дека тие ќе може да го документираат ковид-19 статусот со цел да може да патуваат во други земји и да одговорат на барањата на граничните премини на други држави, истовремено штитејќи ја нивната приватност“, потенцираат од министерството.

Со „CоmmonPass“ на едноставен начин може да се преземат резултатите од направениот ковид-19 тест и вакцинална потврда, и да се покажат здравствениот статус при влез во друга држава без да се откријат други лични здравствени информации.

За таа цел, во знак на поддршка, од Министерството за здравство велат дека ќе ги информираат сите релевантни структури кои се директно или индиректно инволвирани во областа (Институт за јавно здравје и сертифицирани државни и приватни лаборатории) за намената на оваа апликација и можностите кои таа ги нуди.

Воедно, Министерството за здравство ги охрабрува сите заинтересирани институции, установи и лаборатории, директно да контактираат со мрежата „CommonTrust“ со цел приклучување на базата на акредитирани и сертифицирани установи – партнери на „CommonPass“ кои ќе можат да издаваат потврди од тестови со QR код, кој потоа граѓаните ќе го скенираат во своите мобилни телефони со цел креирање на дигитална потврда.

„На овој начин, установите и лабораториите ќе можат за корисниците на апликацијата да издадат потврди кои ќе бидат признаени како вистински, релевантни и доверливи на интернационално ниво. Со воведувањето на ваква апликација, на македонските граѓани им се овозможува флексибилност во изборот на провајдерот и начинот на кој ќе добијат бесплатна дигитална потврда за нивниот статус на имунизација и за резултатите од направените ковид-19 тестови,“ се потенцира во соопштението.

Сите заинтересирани кои сакаат да се вклучат во мрежата на  „CommonTrust” ќе имаат техничка и административна поддршка на апликацијата на македонскиот пазар. Започната е комуникацијата со акредитирани установи кои се заинтересирани да се приклучат кон оваа иницијатива.

Воедно, ги упатуваме сите заинтересирани граѓани да прочитаат повеќе информации за самата апликација на страницата commonpass.mk.