Македонскиот илустратор „Тхе Мичо“ со своја изложба на „VianaCon“ во Португалија

Фото: Ricardo Ferreira, преземена од Михајло Димитриевски / Фејсбук

Изложба на илустрации на македонскиот уметник Михајло Димитриевски, познат како „Тхе Мичо“, се одржува деновиве во градот Виана до Кастело во Португалија. Изложбата која започна на 2 октомври е дел од конвенцијата за модерни друштвени игри „VianaCon“, која викендов се одржа во кулурниот центар во овој португалски град.

Освен тоа што обезбедува стотици различни игри за посетителите, годинешното издание на „VianaCon“ донело разни предавања, работилници, турнири и презентации на нови игри.

„Конвенцијата за игри во Виана до Кастело е веројатно најдобра во светот, можеби во Европа“, велат организаторите на „VianaCon“.

Изложбата на „The Mico“ во „Viana Shopping“ станицата ќе биде отворена до 3 ноември.

Димитриевски ги повика оние кои се наоѓаат во Португалија да ја посетат неговата изложба на илустрации.

Михајло Димитриевски „Тхе Мичо“ е македонски илустратор и стрип-уметник, кој изминативе години стана популарен помеѓу љубителите на стрипот, илустрациите и друштвените игри низ светот.