Македонија со соларни и ветерни централи може да произведе двојно струја од тоа што го троши за цела година

Над 14.000 хектари деградирано земјиште, каменести предели, стари индустриски објекти, рудници и јаловишта се мапирани како најдобрите потенцијални локации за изградба на соларни и ветерни централи

Фото: Еко свест

Над 14.000 хектари деградирано земјиште, каменести предели, стари индустриски објекти, рудници и јаловишта се мапирани како најдобрите потенцијални локации за изградба на соларни и ветерни централи.

Според студија изработена од МАНУ и Еко свест со поддршка на The Nature Conservancy, на овие површини може да се инсталираат централи со капацитет од 11 гигавати за сончева фотоволтаична енергија и 0.35 гигавати за енергија од ветер, што неколкупати ја надминува максималната бројка зацртана во Стратегијата за енергетика до 2040 година. Податоците од студијата покажуваат дека ако се искористи целосно овој капацитет, ќе може да се произведе двојно повеќе струја од она што во моментов се троши годишно во целата земја.

Само на локациите на пет поранешни рудници, Суводол, Брод Гнеотино, Саса, Дамјан и Пискупштина може да се инсталираат централи со капацитет 700 мегавати, или половината од капацитетот за обновливи извори што го предвидува Стратегијата за енергетика.

Според изработените мапи, локациите кои не се во конфликт со природните вредности, се надвор од нациоалните паркови, не узурпираат земјоделско земјиште, шуми и не пречат на биодиверзитетот се концентрирани во повардарието и источниот дел од земјата.

„Најдобрите десетина локации се во околината на скопската котлина“, вели Александар Дединец од МАНУ и автор на студијата.

Toj посочува дека најголем капацитет за изградба на соларни централи имаат рудниците Суводол и Брод Гнеотино, а најдобрите седум локации за ветерни централи се во кичевско, во повардарието, во гевгелиско и кумановско.

„Иако се со помал капацитет, добро е да се искористат и другите рудници заради тоа што на локациите прво ќе се направи ремедијација со што ќе се реши проблемот со загадување, а потоа и ќе се произведува електрична енергија од обновливи извори“, вели Дединец.

Посочува и дека земјава во моментов годишно троши околу 7.000 гигаватчасови енергија, а со 11.000 мегавати инсталирани соларни и ветерни централи може да се произведат 14.000 гигаватчасови или двојно од потребите на целата земја.

Фото: Еко свест

Енергетскиот потенцијал што е утврден со студијата на земјава ѝ овозможува да стане лидер во регионалните напори за декарбонизација. Доколку инвестициите се насочат кон соларни и ветерни електрани на само половина од локациите кои се посочени на мапа, која се публикуваше заедно со студијата, би можеле да генерираат 7,7 терават-часови електрична енергија годишно.

Студијата промовира локации за поставување на обновливи извори на енергија на рудници и деградирани површини, кои ги намалуваат негативните влијанија врз природата и обезбедуваат работни можности, особено важни за праведна транзиција во поранешните рударски региони. Значаен пример за овој пристап е соларниот парк Осломеј, изграден на територијата на поранешен рудник за лигнит. Тој е веќе делумно функционален и по завршувањето ќе има инсталирана моќност од 120 MW.

„Се радувам на фактот дека знаењето и алатките за побрза транзиција кон обновливи извори на енергија стануваат сѐ подостапни. Со оглед на тековната општествено-политичка клима која го поддржува развојот во областа на обновливите извори на енергија, веруваме дека резултатите од оваа студија можат да бидат главна насока за постигнување на нашите цели. Затоа, се надеваме дека ќе ги видиме овие мапи интегрирани во идните верзии на клучните стратешки документи како што се Стратегијата за енергетика на Македонија, Националниот план за енергија и клима (NECP) и плановите за аукции во областа на обновливите извори на енергија на одредени локации“, вели Игор Вејновиќ од The Nature Conservancy.

Според Ана Чоловиќ- Лешоска од Еко-свест, студијата за најдобрите локации се изработуваше повеќе од две години.

„Свесни сме дека нашата држава е пионер на Балканот и една од првите земји кои го изработи Националниот план за енергетика и клима со амбициозни цели. Стратегијата за енергетика е исто така многу поамбициозна отколку во другите земји од регионот и сметаме дека тоа е одлична база за да продолжи на патот на зелената енергетска иднина и праведна транзиција“, вели Чоловиќ-Лешоска.