Специјалниот претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан, лорд Стјуарт Пич денеска ја започна тридневната посета на нашата земја.

Тој се сретна со претседателот Стево Пендаровски, а на средбата, како што известија од претседателскиот кабинет, се размениле мислења и информации за актуелните прашања поврзани со интеграцијата на нашата земја во Европската Унија, за соработката и делувањето на двете држави во рамки на НАТО Алијансата, безбедносната ситуација во регионот и Европа во контекст на војната во Украина, како и за билатерални прашања од взаемен интерес.

“На средбата се потврди долгогодишното партнерство и пријателство меѓу Република Северна Македонија и Обединетото Кралство кое се отсликува преку постојаната британска поддршка за клучните прашања од нашата независност до денес, а билатералните односи се карактеризираат со динамичен политички дијалог на високо ниво“, се вели во соопштението од кабинетот на Пендаровски.

Фото: Кабинет на Претседателот на РСМ

Специјалниот претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан, лорд Стјуарт Пич ќе биде во посета на земјава до среда и треба да оствари средби и со премиерот Димитар Ковачевски, вицепремиерот за ЕУ прашања Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи Бујар Османи.

За време на посетата, лорд Стјуарт Пич ќе се сретне и со клучни соговорници, граѓански организации и ќе посети локални културни знаменитости.

„Целта на посетата е да се потврди силната посветеност на Обединетото Кралство за евроатлантската интеграција на Северна Македонија, да се даде поддршка на реформите и да се зајакне стабилноста и безбедноста во регионот на Западен Балкан. Оваа година Обединетото Кралство и Северна Македонија слават 30 години од воспоставувањето на билатералните односи. Обединетото Кралство останува близок партнер на Северна Македонија и силен сојузник во НАТО“, стои во соопштението на британската амбасада во Скопје.