fbpx

Лога: ИТ системот во обвинителствата полн со недостатоци, следуваат законски измени

Комисијата ќе врши надзор единствено над функционалноста на системот и начинот на распределбата на предметите, а не и увид во самите предмети. На тој начин нема да се наруши независноста на јавното обвинителство, сметаат од министерството

-

Министерот за правда Кренар Лога одржа средба со голем број претставници од правосудните инстанци, политичките партии и граѓанскиот сектор, а во врска со потребата за изготвување измени во Законот за јавното обвинителство и нов Закон за јавнообвинителската служба, со оглед на тоа што, како што вели тој, се констатира дека актуелниот информатички систем има недостатоци и не ги дава очекуваните резултати.

Во своето излагање министерот за правда предложил насоки за новите законски измени кои ќе се разгледаат од работната група која допрво треба да се формира и ќе ги изработува измените.

На координативната средба присуствувала вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, претседателите на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, јавниот обвинител на РСМ, Љубомир Јовески, шефовите на вишите јавни обвинителства и ОЈО Скопје, координаторите на поголемите политички партии, претставници од невладиниот сектор и експерти од Проектот Владеење на правото. Кординаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ не учествувал на средбата, иако бил поканет. Една од темите за дискусија на состанокот беше предлог Законот за дополнување на Законот за јавно обвинителство за воспоставување надзор врз функционалноста на информатичкиот систем за управување со движење на предметите.

„Ова предлог законско решение претставува континуитет на она што пред мене е направено, а истовремено со самото доаѓање на функција министер за правда уште на почетокот од мојот мандат се залагам за зголемување на транспаретноста и подобрување на ефикасноста и ефективноста на јавното обвинителство како најважна алка во правосудниот систем“, изјави министерот Лога.

Комисијата ќе врши надзор единствено над функционалноста на системот и начинот на распределбата на предметите, а не и увид во самите предмети. На тој начин нема да се наруши независноста на јавното обвинителство, сметаат од министерството.

„Министерството за правда како орган на извршната власт е надлежна за обезбедување оптимални услови за функционирање на органите на правосудниот систем и поради таа причина надзорот ќе придонесе кон следење на состојбите во јавните обвинителства од екипираноста со човечки ресурси до просторните и техничките услови за функционирање на јавните обвинителства“, велат оттаму.

Комисијата за надзор во записникот предлага препораки за подобрување на условите во јавните обвинителства што претставува добра основа за преземање натамошни активности за подобрување на состојбите во правосудниот систем.

Во меѓувреме, Лога денеска ја одржа и првата конститутивна седница на работната група за изменување и дополнување на Законот за Судскиот совет.

Фото: Министерство за правда

Тој ја поздрави работната група и ја истакна заложбата оваа група да биде автономна, а процесот инклузивен, за што посочи дека членовите можат да поканат и други претставници да дадат придонес.

Во неговото обраќање, министерот Лога истакна дека е потребна сеопфатна реформа на Судскиот совет која ќе се спроведува постепено, а не да се понудат инстантни решенија кои нема да дадат резултати и ќе ги блокираат правосудните институции.

На седницата се дискутираше за натамошните чекори на работната група до добивање на официјалниот извештај од Оценската мисија за Судскиот совет и се утврди методологијата за работа.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Амнестијата за „Хашките случаи“ е направена во 2011 година од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ

Во јули 2011 година Собранието со гласовите на тогашното владејачко мнозинство изгласа амнестија за четирите „Хашки случаи“. Тогаш парламентот со 63 гласа „за“ и 29 „против“ (опозициски пратеници) го усвои...