Лекции од Естонија: Од сиромашна посткомунистичка држава до дигитален рај

Талин, Естонија. Фото: Порталб.мк

Естонија е земја која докажува дека дигитализацијата го подобрува квалитетот на животот на нејзините граѓани. Илјадници услуги, главно административни, Естонците ги вршат со неколку кликови од дома, а пак чекањето ред пред шалтерите е дел од некоја далечна историја, пишува Порталб.мк.

Оваа балтичка земја со 1,3 милиони жители, во последните 25 години го замени својот постсоветски идентитет со оној на технолошки иновации и дигиталната демократија. Покрај многуте придобивки, дигитализацијата ѝ заштедува на земјата 2% од Бруто домашниот производ (БДП) во трошоци и плати, што е пропорционално на износот на пари што Естонија треба да ги потроши за одбранбениот сектор за да ги исполни критериумите на НАТО.

Естонците гордо ги истакнуваат овие податоци и низ смеа велат дека благодарение на иновативноста сега „безбедноста на земјата им е бесплатна“. Освен пари, жителите на оваа земја преку е-влада заштедуваат и време и нерви.

Учесниците на студиската посета. Фото: Порталб.мк

За да разгледа одблиску како функционира системот, во кој еден народ е дигитално поврзан толку паметно и ефикасно, Фондацијата Метаморфозис преку проектот „Зголемување на граѓанското учество во Дигиталната агенда – ИЦЕДА“ ко-финансиран од Европската Унија, во соработка со организацијата e-Governance Academy (eGA) Академија за е-владеење (еГА) организираше студиска посета во главниот град на Естонија, Талин.

Присуствуваа 23 претставници од владини институции и граѓанскиот сектор од Албанија, Северна Македонија, Србија, Косово и Црна Гора, кои се вклучени во промоцијата и спроведувањето на Дигиталната агенда во нивните земји. За време на посетата тие се сретнаа со претставници на еГА, естонската влада, претставници на локалната самоуправа и други организации од Естонија.

„Целта на проектот ICEDA е да ги поттикне граѓаните компетентно да се вклучат во дигиталната трансформација на општествата во Западен Балкан. Секој, почнувајќи од граѓаните па сè до носителите на одлуки и политики, треба да ги разберат и почувствуваат придобивките од овој процес. При дизајнирањето на проектот, беше јасно дека Естонија е најсоодветната дестинација за да се видат и почувствуваат овие придобивки, прво затоа што повеќето земји на Балканот се слични по големина со Естонија, но и затоа што споделуваме слично политичко минато, бидејќи сме земји родени од слични политички системи (социјализам/комунизам) и со тоа сме ги наследиле и истите предизвици што ги следат земјите кои транзитираат од затворено општество кон демократски и отворени општества. Но, за разлика од земјите од Западен Балкан, Естонија денес е светски лидер во дигиталната трансформација, додека земјите од Западниот Балкан заостануваат далеку во овој процес. Но тоа што е уште поважно, е дека Естонија дигиталната трансформација ја прави користејќи пристап кој граѓаните и нивните потреби ги става во центарот на овој процес, а тоа за нас како НВО е особено важно. Сакавме нашата студиска посета да инспирира, но и да покаже дека таков успех е можен и не постои ниту може да се бара никакво оправдување за нашиот неуспех во големината на нашите држави, бројот на населението или политичкото минато. Сакавме да покажеме дека со јасна визија, целисходна соработка меѓу сите сектори во општеството, посветеност и работа може да се успее и за тоа Естонија не е само одличен пример кој треба да се следи, туку и партнер и поддршка за целиот регион”, изјави директорот на Фондацијата Метаморфозис, Бардил Јашари.

 

Основа за изградба на најдигитализираното општество во светот

1. Демократска трансформација
Уште од раната младост, поранешната пратеничка, поранешна министерка и експерт за е-демократија, Лија Хани го дала својот придонес во демократската трансформација на Естонија. Таа покажа како оваа земја беше ослободена од окупацијата на Советскиот Сојуз преку „Распеаната револуција“. Имено, во масовни протести и демонстрации против рускиот режим, револтираниот народ пеел непрестано и организирал фестивали со патриотски мотиви.

По ваквиот развој на настаните, во 1991 година Естонија повторно прогласува независност и започнува со процесот на градење демократски институции во земјата. Хани вели дека за да се постигне ова ниво на демократија што го има земјата денес, особено во е-демократијата, има неколку суштински фактори.

Фото: Порталб.мк

„Во почетокот на 90-тите беа потребни радикални реформи. Една од нив беше фокусот на владеењето на правото. Изградивме силни институции, за да имаме оддржлива демократија. Потоа, воспоставивме широка употреба на информатичката технологија во јавниот сектор и во општеството. Дополнителен фактор беше нашето членство во Европската Унија и НАТО“. изјави таа во интервју за Порталб.мк.

Според неа, покрај силни институции, потребно е и тие да бидат транспарентни во работата.

„Исто така, треба да разбереме дека моќта е во народот, ако тие бараат транспарентност од носителите на одлуки, тогаш нема да страдаат од нивните погрешни одлуки“, вели Хани.

Фото: Порталб.мк

Стремежот за отчетност, транспарентност и активизам генерално се дел од работата на граѓанските организации, затоа треба да се поддржат.

„Вклучувањето на локалните активисти и граѓанските организации во процесот на донесување одлуки во државата и нивна поддршка, е основата на демократијата. Тоа и ги охрабрува и ги стимулира луѓето да се интересираат и да бидат поактивни во менувањето на нивната ситуација“, додаде Лија Хани, која сега е ангажирана како експерт во еГА.

 

2. Градење доверба меѓу институциите и населението
Транспарентноста на институциите води кон градење доверба меѓу нив и граѓаните, а зборот взаемна доверба се споменуваше во секоја презентација на естонските претставници. Кратко и јасно, фактот што Естонците им веруваат на институциите со нивните податоци, а институциите пак го докажуваат тоа така што секојдневните работи се вршат брзо и безбедно преку дигитални канали, е еден од темелите на успехот на естонското е-општество.

„Кај нас, покрај традиционалните механизми за одржување на транспарентни институции како што се: контрола од страна на Парламентот, владеење на правото, слобода на медиумите, поднесување финансиски извештаи од компаниите и редовното пријавување на имотот од страна на функционерите, создадовме и други дополнителни механизми. Тука спаѓаат: донесување на Законот за транспарентност, на барањата за слободен пристап до информациите да се одговори во рок не подолг од три недели, секоја институција да има дигитален регистар на документи со детални податоци и други“, објасни Виљар Пип, заменик на Генералниот секретар на Министерството за правда претставувајќи ја како пример веб-страницата на Службен весник на Естонија, која содржи многу детални информации за сите закони на земјата, при што истите се поврзуваат (меѓу другото) и со судски одлуки засновани на тие закони.

Фото: Порталб.мк

Терминот „trust by design” („доверба по дизајн“) се однесува на воведувањето безбедност и заштита на приватноста на секој чекор од технолошкиот развој. Исто така, се однесува и за транспарентноста со која се создаваат дигитални услуги во земјава, при што се користи софтвер open source (отворен извор), со отворено кодирање и кој е достапен за сите.

Дополнително, Естонците можат во секое време да проверат онлајн кога, од која институција и за што се користат сите нивните податоци.

„Ако на граѓаните им го покажете процесот, како е создадена некоја услуга и како се одвива имплементацијата, тоа очигледно ја зголемува нивната доверба во системот. Кога имаме проблеми, ние зборуваме отворено за тоа што се случува бидејќи бараме решенија за проблемот. Го откриваме проблемот и разговараме со сите за тоа што треба да се преземе. Не велиме дека знаеме сè или да криеме какви било недостатоци од различна природа“, рече директорот на Технолошките програми во eГА, Хеико Ваинсалу.

Хеико Ваинсалу

3. Лидери со визија и услуги со фокус на граѓанинот
Се разбира, оние кои ја воделе државата и во моментов се задолжени за донесување одлуки не биле експерти за дигитализација, туку биле и сè уште се обединети во исполнувањето на Дигиталната агенда која останува врвен државен приоритет.

Без разлика кој е на власт на централно или локално ниво, посветеноста и подготвеноста земјата да се однесе напред со технолошките иновации останува иста.

Политичките партии немаат навика да ги блокираат добрите идеи доколку доаѓаат од опозициските партии. Функционерите во институциите не се менуваат секогаш кога се менува водечкиот политички естаблишмент во земјата. Приоритет на Естонија е да ги задржи експертите во администрацијата на нивните работни места, дури и ако истите не припаѓаат на владејачка партија во одреден момент, и ова е несомнено еден од рецептите за големиот успех што го има постигнато оваа земја.

„Лидерите на земјата имаат заедничка визија во однос на дигиталната трансформација. Носителите на одлуки знаат дека од нив се очекува да разберат што е потребно и што значи и што се подразбира под дигитализација на услугите, да дадат зелено светло за експериментирање и да имаат трпение да дозволат да се случат големи промени“, рече експертот Арво От, член на одборот на eГА.

Арво От

Онлајн услугите што се создаваат во фокус ги имаат потребите на граѓаните затоа што услугите, пред сé, се направени да им служат на граѓаните и единствено да им го подобрат животот.

Градоначалникот на Тарту, Јарно Лаур, во презентацијата на локалните дигитални услуги во овој град, истакна дека за да донесе одлуки со кои ќе се согласат сите во општината користи неколку онлајн канали за комуникација.

„Го имаме и службениот весник што го праќаме во секој дом, но на прво место има неколку канали на општинската веб-страница каде граѓаните предлагаат идеи, гласаат и разговараат за тоа сé додека се донесе одлука за најдобрата идеја. Потоа, целата проектна документација што ќе се реализира, за тоа како ќе изгледа, колку ќе чини и како ќе се одвива целиот процес до крај, сето тоа е достапно онлајн и е достапно за секого“, рече тој.

Јарно Лаур

Преку општинските веб-страници жителите на државата, меѓу другото, имаат можност да ги видат сите информации за нивниот град, земјиштето, зградите, списокот на училишта и градинки и нивните активности, па дури и местата каде што ќе се садат дрвја.

Како функционира системот?
Е-Влада на Естонија се потпира на неколку столбови: законодавство, капацитет на технолошкиот и административниот сектор за спроведување закони и одлуки, во употребата и довербата што граѓаните ја имаат во овие дигитални решенија, бесплатен интернет и достапен за сите, во размената на податоци помеѓу институциите преки механизмот X-Road кој исто така гарантира сигурен трансфер како и во дигиталната лична карта која им овозможува на жителите да го стават својот дигитален потпис. Во Естонија големо значење му придаваат и на подобрувањето на дигиталните вештини на нивните жители уште од мали нозе.

Дигитален идентитет
Со прибирање податоци на граѓаните преку принципот „only once” или „само еднаш“ што во пракса значи дека граѓанинот еднаш ги регистрира сите податоци во системот и истите ќе се користат за секоја услуга во иднина, државата го креира дигиталниот идентитет на жителите. Од моментот на раѓање, за секој жител се создава број кој се состои од неколку шифри кој е единствен. Дигиталните лични карти се направени од пластика, имаат чип и биометриски отпечатоци на носителот на картичката. Тие се задолжителни за секој жител во државата.

Дигиталниот идентитет на Естонците е достапен и на телефон и во „смарт“ верзија. Во нив се креира дигитален потпис кој овозможува да се користат илјадници онлајн услуги почнувајќи од банкарски услуги, регистрација во училишта и универзитети, да се пријави данок, да се гласа, да се добиваат медицински услуги и други.

„Откако ќе ја ставам личната карта на лаптопот и ќе заврши процесот на најавување, можам да аплицирам за да ја продолжам мојата возачка дозвола“, објасни Анела Киирас, директорка на програмите за обука за Е-владеење во eГА.

Анела Киирас. Фото: Порталб.мк

Таа потоа го отвори порталот во кој на едно место се наоѓаат сите нејзини податоци: адреса и податоци кога и каде е родена, телефонскиот број, адресата, е-маилот, податоци за нејзиниот недвижен имот, списокот на имоти, податоци за нејзиното вработување, местата каде работела, градинката во која престојувала, каде завршила основно, средно училиште, факултет и магистратура.

Потоа, во овој портал се наоѓаат и податоците за плаќањето данок, картички за паркирање и јавен превоз, нејзините медицински податоци и рецепти од лекарот, податоци за нејзиното семејство, децата, па дури и за животните што ги чува.

„Тука се податоците за моите возила, за можни сообраќајни прекршоци, како и за осигурување на автомобилот. Сега ќе аплицирам за продолжување на дозволата. Преку е-маил добиваме потсетување кога ќе истече рокот за секаков вид на документ“, рече таа и со три клика ја заврши нејзината апликација, од канцеларија и без да има потреба ниту еднаш да оди на шалтер.

X-Road
Сите горенаведени податоци за едно лице, од безбедносни причини не се чуваат на портал. Меѓутоа, податоците се поврзани преку владината платформа X-Road, преку безбедни шифрирани канали (end-to-end).

Едноставно кажано, податоците на вашиот матичен лекар се во неговиот/нејзиниот систем, како и вашите банкарски и средношколски податоци, и кога лицето ќе се најави на порталот за да ги добие овие информации, тие ги собираат од изворите каде што се наоѓаат и ја креираат целосната информација.

За илустрација, информациите патуваат како брод што минува низ канал користејќи клучеви за да ги отвори вратите на каналот. Во овој случај се работи за дигитален пат со дигитални клучеви. Процесот на собирање и вкрстување на таквите податоци, односно од многу институции и субјекти се нарекува интероперабилност.

X-Road има многу ригорозен филтер, ниту една институција не може да пристапи до податоци кои нема право да ги има. Наставниците во училиште имаат пристап до оценките на ученикот, но не и до неговите здравствени картони. И секогаш кога некоја институција користи податоци на некое лице, истото лице може да го види тоа во реално време и да знае зошто се користени.

„Многу сме строги за безбедноста на податоците на граѓаните. При планирањето на претходниот буџет и во нашата развојна стратегија за наредните години, секогаш внимаваме да издвоиме доволно ресурси за заштита на податоците“, рече Луукас Кристјан Илвес, главен владин директор за информации и заменик генерален секретар за дигитален развој во Министерството за економија.

X-Road освен што ги поврзува податоците на сите државни институции во земјава, ги поврзува и информациите на приватните бизниси. Дури и ги поврзува податоците од други земји, во овој случај Естонец кој оди во Финска, во аптеките може да набави лекови со дигитален рецепт од матичниот лекар во Естонија.

За две децении преку електронски услуги се искористени околу 1,4 милијарди дигитални потписи кои имаат иста вредност како хартиените потписи, додека околу 1,5 милијарди барања годишно одат преку платформата X-Road.

Јанек Розов. Фото: Порталб.мк

Ефикасноста, брзината и безбедноста на онлајн услугите прават 70% од Естонците редовно да ја користат својата дигитална лична карта, потврди Јанек Розов од Министерство за внатрешни работи на Естонија.

Е-гласање
Уште од 2005 година, државата им овозможи на Естонците да гласаат каде и да се преку дигиталната лична карта. Од тогаш онлајн гласањето стана традиција за речиси половина од населението.

Приит Винкел. Фото: Порталб.мк

„Дигиталното гласање е лесно и безбедно, само треба да ја користите вашата дигитална лична карта. Многу е погодно за оние кои живеат во странство, но и за луѓето во државата, а граѓаните можат да гласаат една недела, во секое време. Можам да кажам дека тие што гласале еднаш на овој начин, не се враќаат да гласаат во хартија“. рече Приит Винкел, експерт за Е-владеење во еГА.