fbpx

„Ласкарци“: Kонтролорите го обвинуваат возачот, неговиот адвокат тврди дека возел технички неисправен автобус

Пресудата во врска со несреќата на автобусот на „Дурмо Турс“ кај скопско Ласкарци во февруари 2019 година, каде што животот го загубија 16 лица, а 38 беа повредени, ќе биде објавена на 25-ти јануари, известува Порталб.мк

-

Денеска во Основниот кривичен суд во Скопје се одржаа завршните зборови на адвокатите на четвртообвинетиот Горан Дуковски и петтообвинетиот Јане Бабаровски, како и на адвокатот на возачот кој е шестиот обвинет, Маноил Трифуновски, во врска со несреќата на автобусот на „Дурмо Турс“ кај скопско Ласкарци во февруари 2019 година, каде што животот го загубија 16 лица а 38 беа повредени. Пресудата ќе биде објавена на 25-ти јануари, известува Порталб.мк.

Обвинетите Дуковски и Бабаровски, пред судот негираа вина за случајот, додека главен виновник за несреќата истакнуваа дека е возачот.

Адвокатот на Горан Дуковски, Сашо Дуковски, во завршните зборови се задржа на некои прашања кои според него, биле спорни. Дуковски ја истакна тезата дека несреќата е предизвикана поради недостаток на реакција од страна на возачот.

„Факт е дека несреќата е предизвикана само поради субјективниот фактор, односно недостатокот на внимание кај возачот“, рече Дуковски, додавајќи дека на денот на несреќата автобусот патувал два пати претходно на релација Скопје – Гостивар и на третиот пат кога возел Трифуновски, застанувал по семафори и станици за да се качат патници, и дека ова покажувало дека сопирачките биле исправни.

„Не се сите виновни. Виновен е возачот“, рече адвокатот Дуковски, додавајќи дека со ова, обвинителството има за цел да ја дисперзира вината кај сите обвинети.

Тој упати серија критики до претставникот на обвинението, Дарко Јакимовски, истакнувајќи дека тој формирал незаконска коалиција со оштетените и не постапил како претставник на државен орган.

„Јавниот обвинител не постапил како државен орган, чија задача е да ги гони сторителите на кривични дела, туку постапи како самопрогласен адвокат на оштетените, во директна корелација и со прекршување на одредбите на ЗКП. Како и да е, за ова имаше голема помош од страна на одбраната на шестиот обвинет (н.з. возачот)“, истакна Дуковски.

„И самиот обвинет зеде збор, во кој негираше дека е одговорен за вината. Тој, дури во еден наврат го покани возачот Маноил Трифуновски, кој во судењето се брани со молчење, да зборува. Доколку му дозволува совеста или тие што му рекле да молчи, нека стане и за првпат нека биде маж како и сите други. Да се сврти и да го впере прстот кон мене, но нешто нека зборува. Луѓе се мртви, Маноил, а ти молчиш. Луѓе останаа инвалиди, а ти молчиш. Гледаш, не реагираш. Ти, Маноил, зборуваше на почетокот, знаеш и самиот дека има и снимка каде што зборуваш, но потоа замолчи. Браво Маноил, вистински маж“, рече обвинетиот Горан Дуковски.

Одбраната на петтиот обвинет, Јане Бабаровски, претежно се задржа на прашањето за печатот, што според нив, бил користен при техничкиот преглед на автобусот од несреќата, но тој потпис не ставил.

„Нема ниту еден доказ што го потврдува обвинението кон обвинетиот Јане Бабаровски. Во доказната постапка не е потврден ни мотив, ниту цел, а ниту пак умисла за делата за кои се терети. Настанот не се случил по вина на обвинетиот“, рече адвокатката Иванка Јакимовска. Таа дури додаде дека на денот на техничкиот преглед на 2 јули 2018 година, Бабаровски воопшто не бил во просториите на станицата за технички преглед, а неговиот печат се користел без негово одобрение.

„Не знаел дека е користен печатот, доколку не се случеше овој случај, најверојатно немаше да знае дека некој го користел истиот“, рече Јакимовска.

Таа додаде дека Обвинителството претходно во обвинителниот акт истакнало дека на документот за техничкиот преглед има печат и потпис на Бабаровски, но во ноември оваа година го измениле обвинението истакнувајќи дека документот е направен само со печатот на Бабаровски, но не и со негов потпис. И самиот обвинет Бабаровски, истакна дека „не потпишал записник и не дал дозвола автобусот да го помине техничкиот преглед“.

„Да се коригира неправдата која ми е нанесена од страна на Јавното Обвинителство, која е паушална“, рече Бабаровски.

По контролорите, последен завршен збор даде адвокатот на возачот Љупчо Мицевски. Тој во еден долг говор, објасни и ги негираше сите обвиненија од страна на Обвинителството и рече дека несреќата не се случила поради возачот, туку поради неисправноста на автобусот, кој му бил даден од страна на фирмата „Дурмо Турс“.

Тој неколку пати инсистираше дека возачот, не знаел дека автобусот имал сопирачки под законскиот минимум од 45% ефикасност.

„Нема ниту еден доказ дека возачот Маноил знаел дека овој автобус имал неисправен сопирачки и управувачки систем, но и дека на два технички прегледи дадена му е потврда дека автобусот е технички исправен“, рече адвокатот Мицевски.

Тој рече дека последниот пат кога Маноил Трифуновски го возел автобусот од несреќата е 83 дена пред несреќата и поради ова немал сознанија за техничката состојба на автобусот.

„Исто така, возачот Маноил Трифуновски не го возел само овој автобус, затоа и не ја знаел техничката состојба“, додаде Мицевски.

Во врска со прашањето за невниманието на возачот, адвокатот Мицевски рече дека фотографијата од вештачењето покажува дека воланот на автобусот по несреќата бил свртен на десно и со ова, според него се покажува дека возачот реагирал и се обидел да ја избегне несреќата.

Тој ги отфрли и машинското и сообраќајното супервештачење, тврдејќи дека вештаците криеле важни податоци за да ги поддржат другите петмина обвинети.

Не може да му се верува на еден вештак кој пред судот кажува дека се вика со едно име, а на вештачењето се потпишува со друго име. Не може да му се верува на еден вештак кој во неговата книга пишува едно, додека овде во судница го оспорува истото“, рече Мицевски.

Според адвокатот, несреќата не се случила поради возачот, туку поради петте други обвинети, кои му дале неисправен автобус и истиот го поминале на технички преглед во неисправна состојба.

Судијката му даде збор и на возачот Маноил Трифуновски, но тој рече дека нема ништо да каже и дека се согласува во целост со завршните зборови на неговиот адвокат.

На претходните рочишта, завршни зборови дадоа одбраната и самиот сопственик на „Дурмо Турс“, Дурмиш Белули – првообвинет, кој категорично ја негираше одговорноста за несреќата. Одговорноста ја негираше и вториот обвинет, Ремзи Мифтари, кој, според обвинението, бил одговорен за организирање на превозот во компанијата. Исто така, и Игор Трајковски – третиот обвинет, раководител на техничката станица „АМЗ Гостивар“, каде што автобусот ги поминал техничките прегледи, негираше одговорност.

Претставникот на обвинението, обвинителот Дарко Јакимовски, во завршните зборови изјави дека сите шестмина обвинети за несреќата кај „Ласкарци“ се виновни, но дека секој негира и ја префрлува вината на другиот. Тој побара обвинетите да се казнат и да им се изрече забрана за вршење на транспортна дејност.

Оштетените во завршните зборови изавија дека во целост се согласуваат со обвинението и бараат кривично гонење и максимална казна за обвинетите.

Според обвинението, првите тројца се обвинети за „тешки дела против безбедноста на луѓето во сообраќајот“, додека четвриот, петтиот и шестиот се обвинети за соучество во истото дело.

„Дурмо Турс“ и до ден денес продолжува да работи и да превезува патници.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...