СДСМ ги објави кандидатите за техничката влада

За кандидат за дополнителен заменик министер за внатрешни работи ЦО на СДСМ го утврди Митко Бојмацалиев, актуелен шеф на кабинет на министерот Спасовски. За кандидат за дополнителен заменик министер за труд и социјална политика ја утврди Јована Тренчевска, а за шеф на Централниот изборен штаб на СДСМ, ЦО го избра генералниот секретар, Миле Зечевиќ Вардарски

Фото: СДСМ

Членовите на Централниот одбор вечерва донесоа Одлука за утврдување кандидати за министри, заменици министри и дополнителни заменици министри во Техничката влада на Република Северна Македонија од редовите на СДСМ.

Јован Митрески е кандидат на СДСМ за Претседател на Собранието до завршување на мандатот на парламентарниот состав 2020-2024 година, соопшти владејачката партија.

Како кандидат за Заменик на Претседателот на Владата задолжен за политики за добро владеење, Централниот одбор ја утврди Славица Грковска. Кандидат за Заменик на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции е избран Фатмир Битиќи, Бојан Маричиќ е кандидат за Заменик на Претседателот на Владата за европски прашања, а кандидат за министерка за култура е избрана Бисера Костадиновска Стојчевска.

Фото: СДСМ

За кандидат за министерка за животна средна и просторно планирање е избрана Каја Шукова, кандидат за министер за земјоделство, шумарство и водостопанство е Љупчо Николовски, кандидат за министер за транспорт и врски е избран Благој Бочварски, а за одбрана – Славјанка Петровска.

Централниот одбор утврди и кандидати од СДСМ за заменици министри:

-Викторија Аврамовска Мадиќ, заменик министерка за правда;
-Маја Манолева, заменик министерка за здравство;
-Александар Бајдески, zЗаменик министер за информатичко општество и администрација;
-Филип Николовски, заменик министер за финансии;
-Мики Крстев, заменик министер за локална самоуправа.

За кандидат за дополнителен заменик министер за внатрешни работи Централниот одбор на СДСМ го утврди Митко Бојмацалиев, актуелен шеф на кабинет на министерот Спасовски. За кандидат за дополнителен заменик министер за труд и социјална политика ја утврди Јована Тренчевска, претседателка на Форум на жени и актуелна министерка.

За Шеф на Централниот изборен штаб на СДСМ, Централниот одбор го избра генералниот секретар, Миле Зечевиќ Вардарски.

„СДСМ е подготвена и на изборите оди на двојна победа на претседателските и парламентарните избори. СДСМ ќе го даде победничкиот кандидат за претседател и ќе ја формира идната проевропска Влада“, изјавија од партијата.

За претседавач со Централниот одбор на СДСМ е избрана Салавјанка Петровска, којашто заедно со Дашмир Афети од Желино се избрани и за нови членови на ЦО.

Централниот одбор на СДСМ го утврди Правилникот и роковникот за постапката, начинот и критериумите за утврдување на кандидат на СДСМ за Претседател на Република Северна Македонија на претседателските избори во 2024 година, како и Правилникот, роковникот за постапката, начинот и критериумите за утврдување на кандидати за пратеници на СДСМ во Собранието на Република Северна Македонија.

Донесена е Одлука за свикување на 27. Конгрес на СДСМ за утврдување на кандидат на СДСМ за Претседател на Република Северна Македонија како и Одлука за свикување на 28. Конгрес на СДСМ за утврдување на кандидати за пратеници на СДСМ во Собранието за парламентарните избори во 2024 година.

Парламентарните избори треба да се одржат на 8 мај 2024 година. Во ист ден ќе се гласа и во втор круг претседателски избори, додека првиот круг за избор на шеф на државата треба да се одржи на 24 април, според договореното на лидерската средба на 4 декември.

Со вака договорените датуми, техничката влада што ќе ја предводи Талар Џафери треба да стапи на должност на 28 јануари, а еден месец подоцна Собранието ќе ги распише изборите.