„Крушево низ корија“ викендов ќе понуди велосипедски тури, летање со параглајдери, видео проекции и забава

Илустрација: Форум за авангардна креативност

Во претстојниов викенд, односно 20 и 21 август, во Крушево по седми пат ќе се одржи фестивалот на отворено „Крушево низ корија“. Тој вклучува кампување на Мечкин камен со сите придружни содржини, планински велосипедизам, планинарска тура низ крушевската корија, тандем летови со параглајдер, проекција на филмови од ЕХО фестивалот за планински филм, презентација на локални специјалитети подготвени од волонтерите на Slow Food Prilep, забава со зумба тимот на ACTIV ZONE, итн.
Учесниците во кампот ќе ги забавува DJ Вера Јанковиќ.

Фестивалот е во организација на Форумот за Авангардна Креативност (ФАК) од Прилеп во соработка со Општина Крушево.

Велосипедската тура ќе се вози в недела на три патеки:

– Мала МТБ тура „Крушево низ корија“. Турата е со должина од 15 км и елевација од околу 300 метри. Категоризирана е како лесна тура за лица со нормална физичка подготвеност, препорачлива за секој рекреативец.
– Средна МТБ тура „Крушево низ корија“. Турата е со должина од 30 км и елевација од 700 метри. Категоризирана е како средно тешка тура 7/10 за лица со просечна физичка подготвеност.
– Голема МТБ тура „Крушево низ корија“. Турата е со должина од 40 км и елевација 1.000 метри и е категоризирана како тешка тура.

Тандем летови со параглајдер ќе има в сабота 20 август и в недела, 21 август, од 10 до 15 часот.

Планинарската тура ќе се одвива на релацијата Мечкин Камен – Крушево, во должина од 14 км. Класифицирана е како средно тешка тура, која може да ја изоди секој од 7 до 77 години.

„Во 80 отсто од патеката се движиме низ крушевската корија, која изобилува со сенка, што е мошне пријатно за топлите августовски денови. Во текот на турата ќе се посетат двата манастири св. Василиј и св. Спас (каде што ќе има пункт со освежување). Во текот на патеката има пивка вода за пиење. Турата завршува во Крушево, каде учесниците ќе можат да ги посетат културните знаменитости“, објаснуваат организаторите.

Напишете коментар