Ковидот лани ја намали потрошувачката на дизел кај возилата, потребата од мерки против нечистиот воздух останува [инфографик]

Фото: Бојан Блажевски

Заедно со заладувањето на времето и порастот на деновите со загаден воздух во македонските градови, повторно се отвора прашањето за изворите на емисии на штетни гасови кои го создаваат овој проблем. И најновите податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека патниот сообраќај е најголем консумент на нафтените деривати во земјава, особено на дизелот, при што само за деценија и пол неговата потрошувачка од возилата е зголемена дури за три пати.

Во 2020 година забележано е минимално намалување на потрошувачката на горива во транспортот кај нас, но тоа е единствено поради ковид-19 пандемијата и ограничувањата за движење на граѓаните кои беа воведени лани како превентивна мерка за спречување на ширење на вирусот. Како и изминатите години, дизел горивото за транспортот е убедливо најмногу користено од возилата во земјава, со потрошени дури 514.395 тони. Иако потрошувачката е помала за околу 10 отсто во споредба со 2019 година, ваквите бројки се загрижувачки од аспект на штетните материи што се испуштаат во воздухот поради транспортот, кои влегуваат и како удел на земјава во предизвикувањето на климатските промени преку емисиите на стакленички гасови.

Притоа, токму патниот транспорт е најголемиот потрошувач на дизел горивото во земјава. Наспроти ова, лани во патниот превоз биле искористени 48.629 тони течен нафтен гас и 79.410 тони моторен бензин.

И покрај тоа што лани било забележано намалување на потрошувачката на горива во транспортот, бројките велат дека токму во 2020 година бил забележан рекорден број на регистрирани возила во земјава, односно над половина милион. Исто така, за само осум години, бројот на дизел возилата во земјава е зголемен за речиси 160.000, што е резултат на увозот на половни автомобили од странство, каде токму дизелашите постепено се исфрлаат од употреба.

Инаку, во земјава треба допрва да се воведе дополнителна еколошка такса на нафтените деривати, која треба да ги стимулира граѓаните да вградат плински уреди во возилата, како и да се насочат кон користење на електрични возила, јавен превоз или велосипеди и тротинети, со цел да се намали загадувањето на воздухот и емисијата на стакленички гасови.

Сепак, иако ветена дека ќе се воведе во јули, еколошката такса за нафтените деривати предизвика несогласување помеѓу пратениците на власта и опозицијата во Собранието на РСМ, па така на измените на Законот за животна средина од опозициската ВМРО-ДПМНЕ уште летово жестоко се спротивставија и рекоа дека ќе го блокираат неговото донесување.

Иако беше ветена за годинава, забраната за увоз на половни возила со под ЕУРО 5 стандарди на емисија веќе е одложена за воведување за наредната година. Исто така, речиси три години јавноста чека на ставањето во функција на еколошките налепници за возилата, како би се намалило користењето на старите возила во оние денови кога има енормно загадување на воздухот.

Транспортот во Македонија драстично го зголемува својот процентуален удел во производството на штетните гасови мерени во јаглерод диоксид еквиваленти во периодот од 1990 до 2016 година. Во периодот пред распадот на Југославија, транспортот имал удел од 8,2 отсто, за во 2016 година неговиот процентуален удел да се зголеми на дури 28,1 отсто. За неколку дена во Глазгов започнува Конференцијата за климатски промени на ОН (КОП 26), на која земјава ќе го презентира својот план и преземените обврски за намалување на емисиите на стакленички гасови, меѓу кои, и во транспортот.