fbpx

Ковачевски на средба со Пленковиќ: Македонски, а не хрватски модел за уставните измени

Пленковиќ изјави дека без разлика што се споменува хрватскиот модел, апелира да се најдат решенија кои ќе бидат својствени за нашата држава во однос на уставните измени

-

Северна Македонија треба да избере свој модел за уставните измени. Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ по денешната средба со премиерот Димитар Ковачевски не сакаше да дава сугестии за барањето на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ за менување на македонскиот устав по хрватски модел. Пленковиќ рече дека за уставните измени треба да одлучат партиите и институциите во земјава.

„Без разлика што се споменува хрватскиот модел, апелирам да се најдат решенија кои ќе бидат својствени за вашата земја. Во однос на идејата да се вклучи хрватското малцинство во Уставот, тоа ние го поддржуваме. Поддршката за нашите малцинства, негувањето на идентитетот, можат да придонесат за соработката меѓу двете држави“, изјави Пленковиќ.

Македонскиот премиер Ковачевски рече дека прво треба да се формира работна група во рамки на Министерството за правда, во која членуваат експерти и во која веќе се поканети и претставници на политичките партии застапени во парламентот. Преку оваа работна група Ковачевски смета дека треба да се изработи предлог што потоа ќе се стави на расправа, бидејќи различни партии зборуваат за различни модели.

Во однос на претстојниот процес на носење уставни измени и вклучувањето на Хрватите во нашиот устав Ковачевски истакна:

„Уставните измени, кои подразбираат вклучување и на Хрватите во нашиот Устав, се пред нас и за истите се надевам и повикувам дека ќе успееме како општество да најдеме натпартиски консензус. Преку заштитата на правата на заедниците, го штитиме не само идентитетот на другите, туку и сопствениот, и заедничкиот, на кој се гордееме како функционално демократско, мултикултурно и мултиетничко општество, без разлика од каде доаѓаме“, изјави Ковачевски.

Тој додаде дека Северна Македонија и Хрватска немаат отворени прашања, во континуитет заедно го градат и продлабочуваат политичкиот дијалог и ја зголемуваат економската и трговската соработка.

Премиерот Ковачевски нагласи дека во наредниот период ќе се работи на унапредување на економската и трговска размена со Хрватска.

„Имаме потреба и од зајакнување на соработката и во сферата на туризмот и поддршка на Програмата за стручна едукација на македонски студенти по туризам на Јадранското крајбрежје, а од мај 2023 до октомври 2023, ќе биде воведена и сезонска линија Скопје-Сплит-Скопје, што е уште еден знак на продлабочување и на соработката и на лесниот и побрз транспорт на нашите граѓани помеѓу овие две земји“, рече премиерот.

Тој ја најави можноста за организирање на заедничка седница на двете влади со цел интензивирање на соработката.

Хрватскиот премиер, Андреј Пленковиќ, во своето обраќање ги истакна одличните пријателски односи меѓу Република Хрватска и Република Северна Македонија.

„Сметам дека за неколку години Северна Македонија ќе стане членка на ЕУ, а Хрватска, на тој пат, од срце и без било какви услови и помага, веќе повеќе години. Можам да кажам дека станува збор за два пријателски народи, две пријателски земји и со нетрпение ги очекувам денешните разговори кои што ќе дадат една нова меѓудржавна димензија, меѓутоа и регионална и европска димензија“, истакна Пленковиќ.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Вучиќ кон Пикси откако автобусот се заглави во песок: „Тешки сме Драгане“

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека е договорено финалето на Лигата на Европа на УЕФА во 2028 година да се игра на Националниот стадион во Сурчин. Вучиќ на...