КОП 27: Клучната климатска цел за пораст на температурата од 1,5 степени пред нов предизвик

Фото: Photo by William Bossen on Unsplash

Емисиите на јаглероден диоксид се зголемуваат толку брзо што сега светот има 50 отсто шанси наскоро да го надмине клучниот праг на климатските промени, јавува Би-би-си, повикувајќи се на нов извештај кој денеска бил претставен на климатскиот самит КОП 27 во Шарм ел Шеик, Египет.

Се очекува емисиите во 2022 година да останат на рекордно ниво, „помогнати“ од луѓето кои по стишувањето на ковид-пандемијата почнаа повторно да го користат авиосообраќајот, но и од употребата на јаглен.

Во извештајот подготвен од 70 научници и објавен од Глобалниот проект за јаглерод се вели дека, ако емисиите останат толку високи, светот се соочува со ризик за 50 отсто да го надмине клучниот праг на пораст на температурата од 1,5 целзиусови степени за девет години, што ќе има огромни последици за посиромашните и земјите во развој.

Просечните температури во моментов се 1,1 степен над пред-индустриските нивоа, а и тоа зголемување веќе предизвика големи климатски катастрофи годинава.

Од Обединетите нации велат дека, доколку глобалните просечни температури се искачат на повеќе од 1,5 степени, тоа ќе изложи уште милиони луѓе на потенцијално разорни влијанија од климата. Според неодамнешниот извештај на ОН, глобалните емисии на стакленички гасови треба да се намалат за 45 отсто до 2030 година за да се одржат температурите под прагот од 1,5 целзиусови степени.

На минатогодишниот климатски самит во Глазгов, КОП 26, од земјите беше побарано да подготват поамбициозни планови, но само 29 нации дошле во Шарм ел Шеик со нови планови.

На самитот во Египет се појавиле и поделби, откако некои земји во развој, како Сенегал и Јужна Африка, најавиле дека ќе ги искористат своите ресурси на гас додека транзитираат кон извори на енергија без фосилни горива.

Неколку млади активисти со транспаренти, натписи и мегафони протестираат во салата во Шарм ел Шеик каде се одржува годишната глобална климатска конференција.

„Има климатски катастрофи и уништување, а мојата земја позајмува пари од Меѓународниот монитарен фонд и Светската банка за да се справи со последиците. Нашите земји не можат да се развиваат поради трошоците на климатската криза“, рекол млад африкански активист за време на еден од многуте протести, а пренесува сервисот за вести на ОН.

Истакнувајќи ја неправдата, младите активисти побарале од лидерите на земјите присутни на КОП 27 да не им ја крадат иднината.