fbpx

Контраспин: Арсовска со тенка аргументација за разрешувањата на директорите

-

Во изјавата на Арсовска дека неодговорноста и неисполнителноста била главната причина за директорските смени во јавните претпријатија, може да се детектира спин, бидејќи барем во случајот со Перински, образложението на градоначалничката за неговата смена – основано сомневање за местење на тендерската постапка за изградба на пречистителна станица во Скопје, се покажа неиздржано. Министерот за животна средина Насер Нуредини вчера на прес-конференција, меѓу другото, кажа дека со тендерот за пречистителната станица сè било в ред, притоа нагласувајќи дека од Европската инвестициска банка соопштиле дека нема ништо спорно во постапката, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Градоначалничката Данела Арсовска зборувајќи за причините за именување и разрешување на директори во градските претпријатија, изрече став во кој може да се препознае спин:

Спин: Има луѓе што си ја вршеле работата и одговорно и прецизно и исполнително, има луѓе коишто тоа не го направиле. И не треба по секоја цена за да се заштити комодитетот или да се зачуваат добрите политички односи, ние да толерираме нешто за кое што сметаме дека е отворена злоупотреба. Зошто би го правеле тоа? Јас тоа не го толерирав и затоа сме во оваа состојба.

[ Извор: ТВ Телма – Интервју со Д. Арсовска(после 51 мин.); Датум: 29.11.2022]

 

Контраспин: Одговорајќи на прашањето како дошло до именување и разрешување на дел од директорите на јавните претпријатија во Град Скопје, градоначалничката Данела Арсовска се повика на (не)одговорност и (не)исполнителност во вршењето на нивната работа. Сепак, ваквиот одговор, барем во случајот на разрешувањето на директорот на скопското водоводно претпријатие Златко Перински, излегува дека е спин.

А спин е, бидејќи во образложението за смената на Перински во септември годинава беше наведено основано сомневање за местење на тендерската постапка за изградба на пречистителна станица на излез од Скопје, многу важен проект за кој се одвоени 137 милиони евра европски пари – дел заем, дел  грант којшто е почнат уште пред Арсовска да стане градоначалничка.

Поради обиди за влијание кои се сметаат за тенденција која ги потврдува основаните сомнежи на Град Скопје за самоволие и несоодветно постапување во постапката за избор на изведувач на тендер вреден 136 милиони евра, за изведба на пречистителна станица, Перински е разрешен во петокот на 09.09.2022 годинаизјави тогаш Арсовска.

Но и во деновите на смената и сега, т.е. вчера, се добиваат уверувања и одговори од одговорни лица (министерот за животна среднина) и од Европската инвестициска банка (ЕИБ) дека во тендерската постапка немало никакви сомнителни елементи.

Најпрво, уште во септември на барање на ТВ Телма од ЕИБ соопштија дека постaпката е во ред:

ЕИБ може да потврди дека од почетокот на проектот се почитуваат условите и преземените обврски за исплата на средствата.

Набавките се спроведени во согласност со водичот за набавки на ЕИБ и во согласност со одобрената стратегија за набавки.

До денес, Комитетот за евалуација, потпомогнат од искусен тим од меѓународни консултанти, ги извршуваше своите задачи на посветен начин.

Ја следеше тендерската документација и бараше совети од ЕИБ кога тоа беше потребно.

Обидите да се ревидира стратегијата за набавки без соодветно оправдување во оваа фаза од процесот на евалуација, или неусогласеноста со важечките принципи за доверливост, може да предизвика значително одложување во процесот на набавка и на тој начин може да ја загрози достапноста на средствата…

Оваа смена на Перински тогаш го означи почетокот на расколот во градот меѓу советниците и градоначалничката. Два дена по упадот на прес-конферецијата на Периснки, следуваше она познато обвинување од Арсовска до Мицкоски дека ги фатила „неговите директорчиња со рачињата во мед“

Иако ова не ги спречи натамошните шпекулации, посебно меѓу политичките партии за тоа кој бил фатен со рацете во медот, во текот на вчерашниот ден јавноста доби уште едно уверување од одговорно лице дека со тендерот сè било в ред. Министерот за животна средина Насер Нуредини на прес-конференција говорејќи за генералната состојба со прашањата поврзани со екологијата, се осврна и на пречистителните станици во државата, вклучителни и на таа во Скопје:

Од Банката велат дека нема ништо спорно во постапката. Завршена е евалуацијата на понудите и сега се чека да се достави крајниот извештај врз основа на кој ќе треба да се избере фирма. Ако градоначалничката Данела Арсовска го поништи тендерот ќе се изгубат најмалку три години. Повторно ќе треба постапката да се врати на почетокот, а знаеме дека целиот процес трае со години. Покрај заемот од 137 милиони евра од Европската инвестициска банка и од Европската банка за обнова и развој, за овој проект имаме добиено и грант од 70 милиони евра. Затоа, очекувам процесот да биде завршен и согласно работниот план, во февруари да биде потпишан договорот- кажа министерот  Нуредини.

Вистиномер и во септември деспинуваше два спина од главните политички партии околу ова прашање, при што беше укажано и на важноста на проектот и на последиците доколку тој пропадне. Исто како што сега вели министерот Нуредини и разрешениот Перински тогаш рече:

Да не си играме со вакви паушални обвинувања затоа што сето ова може да го загрози проектот за кој државата има добиено грант од 70 милиони евра.

Оттука, во изјавата на Арсовска дека неодговорноста и неисполнителноста била главната причина за директорските смени во јавните претпријатија, може да се детектира спин, бидејќи барем во случајот со Перински, образложението на градоначалничката за неговата смена – основано сомневање за местење на тендерската постапка за изградба на пречистителна станица во Скопје, се покажа неиздржано.

 

Пишува:Теофил Блажевски

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Изборите во Македонија беа добро организирани, но имаше остра реторика, а недостига и регулација во сферата на онлајн порталите. Ова е генерално оценката на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР и на...