Концесионерот што треба да го исчисти арсенот во Лојане молчи, власта најавува инспекција

Фото: Бојан Блажевски

По објавата на Мета.мк за состојбата со складираниот арсен и други токсични минерални суровини во јаловиштето во кругот на рудникот „Лојане“ и депонијата кај селото Табановце, од Министерството за економија иницираа барање до надлежните инспекторати да извршат увид и да преземат соодветни мерки доколку констатираат недостатоци на терен.

Инспекциски надзор треба да извршат Државниот инспекторат за техничка инспекција и Државниот инспекторат за животна средина, кои имаат надлежност и да изрекуваат казни. Ова следува откако Мета.мк до Министерството за економија испрати прашања со укажување дека на двете локации во Лојане и Табановце не е поставена ограда и информативни табли, коишто треба да го спречат влезот до локацијата каде што е складиран арсенот и да предупредуваат за опасноста од вдишување на арсен.

Да потсетиме, на околу 100 метри воздушна линија од јаловиштето во рудникот „Лојане“ се наоѓа основното училиште „Рилиндја“, во кое настава следат учениците од шесто до деветто одделение од селата Лојане и Ваксинце. Во близина на депонијата со арсен кај селото Табановце пак се наоѓа железничката станица и кампот за мигранти, така што постои опасност деца или неинформирани граѓани да дојдат во контакт со арсенот.

Мета.мк веќе 10 дена пробува да стапи во контакт и со претставништвото на турската компанија „Калтун Мадденџилик“ во земјава, која што е концесионер за експлоатација на отпадните минерални суровини што се лоцирани во јаловиштето на рудникот „Лојане“.

Минатата недела пробавме да стапиме во телефонски контакт со претставникот на концесионерот Мерт Ајдин, но на телефонските броеви на коишто го побаравме, од вработените бевме информирани дека тој се наоѓа во Турција и дека ќе треба да му ги испратиме прашањата преку електронска пошта за да добиеме одговор.

По ова, по мејл испративме прашања до Ајдин, пред 10 дена на македонски, а пред една недела и на англиски јазик, но до денешен ден не добивме одговор на прашањата зошто просторот околу јаловиштето во рудникот не е ограден и зошто не е поставена информативна табла.

Од концесионерот не добивме ниту одговор колкави количества од отпадните минерални суровини досега се извадени од јаловиштето во „Лојане“ и колку од нив се транспортирани надвор од земјава. Прашавме и кога планираат да го интензивираат извозот на складираните количества што се наоѓаат во рудникот.

Во исчекување на резултатите од инспекцискиот надзор во Лојане и Табановце, потсетуваме дека Мета.мк пишуваше за труењето на илјадници жители од овие села во општините Липково и Куманово од арсенот и другите отровни минерали расфрлани на двете локации. Рудникот за хром, антимон и арсен „Лојане“ престанал да работи во далечната 1979 година и од тогаш наваму непрекинато ги труе луѓето и животните, а ги загадува и водите, воздухот и почвата во Лојане, Табановце и Ваксинце.

Покрај опасноста од вдишување на арсенот поради можноста било кој да пристапи на двете локации, жителите од околните села на нивите околу складираниот арсен садат земјоделски култури, а Мета.мк беше сведок и на пасење на домашни животни во близина на рудникот „Лојане“. Земјоделството е главниот извор за егзистенција на најголем дел од населението во овие рурални средини. Исто така, со арсен загадени се и локалните извори и речните води.

Оваа тема со години наназад добива третман од македонските медиуми, но оваа „жешка“ еколошка точка останува да биде главен проблем во живеењето на локалното население кој е нерешен од властите. Мета.мк побара став и од Министерството за образование и наука, општините Липково и Куманово за дислокација на учениците од постојниот образовен објект лоциран до рудникот „Лојане“ во други згради во селата Ваксинце, Лојане или Табановце, но реакција добивме единствено од општина Липково, кои ни рекоа дека во моментов нема можност да се префрлат учениците на друга локација, бидејќи бројот на основци што ја следат наставата е голем.