fbpx

Комисијата за антидискриминација потврди: Општина Карпош ги дискриминира лицата со попреченост

-

Општина Карпош континуирано ги дискриминира граѓаните со попреченост кои се жители на оваа општина, истовремено кршејќи го Уставот на државата. Вака одлучи Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД), повикувајќи се на истражувањето на Порталб.мк за нефункционалноста на канцелариите за контакт на граѓаните со пратениците на Собранието на РСМ, пишува Порталб.мк.

Според КСЗД, со оглед на тоа што Канцеларијата била поставена на мост, без лифтови и функционални електрични скали, на тој начин го спречила пристапот на жителите со попреченост до овој објект. КСЗД на Општина Карпош ѝ даде две препораки со конкретни рокови за да овозможи слободен пристап на граѓаните со попреченост, како што гарантира Уставот, или во спротивно ќе поведе прекршочна постапка пред надлежен суд.

„По добиено известување од страна на Portalb.mk со бр. 08 – 538/1 од 12.10.2022 година, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација доби сознанија во врска со непристапност на канцелариите за контакт на граѓаните со пратениците на Собранието на Република Северна Македонија во Општина Карпош. Имено, при посетата на канцелариите во Карпош, новинари увиделе дека истите се поставени на надвозник каде лифтовите и електричните скали не се во функција, со што бил оневозможен пристапот за лицата со попреченост“, се вели во одлуката на КСЗД.

Потоа, Комисијата покрена постапка по службена должност.

„Следствено на горенаведеното, како и поради фактот што во конкретниот случај се засегнати поголем број лица, односно сите лица со попреченост – жители на општина Карпош, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација одлучи да поведе постапка по службена должност за заштита од дискриминација врз основа на физичка попреченост на жителите на Општина Карпош во пристапот до добра и услуги“, се вели во мислењето.

Во мислењето, Комисијата ги постави линковите од сторијата објавена на Порталб.мк и Мета.мк, нагласувајќи дека во истражувачката сторија забележале дискриминација.

„Имено, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација врз основа на истражувачката сторија објавена на веб страната portalb.mk во врска со канцелариите за контакт на пратениците со граѓаните, поконкретно за канцеларијата во Општина Карпош, забележа потенцијална дискриминација врз лицата со физичка попреченост преку оневозможување на пристап до канцеларијата. Согласно наодите од горенаведената сторија станува збор за дискриминација на жителите на Општина Карпош во пристапот до добра и услуги врз основа на физичка попреченост. Сторијата е достапна на следниот линк:

  1. https://meta.mk/kancelariite-na-pratenicite-za-komunikacija-so-gragjanite-zatvoreni-koga-treba-da-rabotat/ (МК)
  2. https://portalb.mk/819067-komisioni-per-parandalim-dhe-mbrojtje-nga-diskriminimi-hapi-procedure-per-zyren-e-deputeteve-ne-karposh/ (АЛБ)

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација на 20.10.2022 година испрати Известување за покренување постапка за заштита од дискриминација по службена должност со бр. 08-538/2 до Собранието на Република Северна Македонија“, се вели во мислењето на Комисијата.

Прашањата на Комисијата до Собранието на РСМ:

  1. Дали лицата со попреченост имаат пристап до канцеларијата за контакт на граѓаните со пратениците на Собранието на Република Северна Македонија лоцирана во Општина Карпош?
  2. Доколку немаат, дали постои алтернативен начин на пристап на овие лица до услугите на горенаведената канцеларија?
  3. Доколку не постои ниту друг алтернативен начин за пристап на лицата со физичка попреченост до оваа канцеларија, дали Собранието има преземено соодветни мерки за отстранување на оваа дискриминација?

Собранието се изјаснило дека не е надлежно, Општина Карпош е подготвена да ја исправи грешката

На 03.11.2022 година до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација пристигнал одговор на известувањето испратено до Собранието на Република Северна Македонија.

„Согласно точка 2, став 1 од Одлуката, единиците на локалната самоуправа се должни да обезбедат простории кои ќе се користат како канцеларии за контакти со пратениците со граѓаните. Оттука, Собранието информира дека нема можност да делува и да врши промени во тој поглед, односно дека единиците на локалната самоуправа се исклучиво надлежни за обезбедување на соодветни простории и услови кои ќе ги користат пратениците за одржување на контакти со граѓаните од своите изборни единици“, се вели во одговорот на Собранието пратен до КСЗД.

Следствено на тоа, се вели во мислењето, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација испрати Известување за покренување постапка за заштита од дискриминација по службена должност бр. 08 – 538/3 до Општина Карпош, како единица на локалната самоуправа надлежна за конкретните канцеларии, со цел нивно произнесување.

„До Комисијата на 20.12.2022 година пристигна одговор од Општина Карпош. Во одговорот се наведува дека Општина Карпош со одлука на Советот на општината обезбедила две канцеларии, кои моментално според нивните сознанија ги користат пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и Левица. Меѓутоа, од Општината велат дека досега не добиле поплака или информација во врска со непристапноста на канцелариите за лицата со попреченост. Воедно напоменуваат дека доколку има потреба од промена на канцелариите поради пристапот до нив, Општина Карпош ќе се обиде во рамки на своите можности, согласно законските обврски да ги приспособи за лицата со попреченост“, се вели во одговорот на Општина Карпош пратен до КСЗД.

Согледувајќи ја фактичката состојба, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврди дека со пропуштањето да се приспособат канцелариите за контакт на граѓаните со пратениците била извршена директна дискриминација кон лицата со физичка попреченост.

„Имено, согласно Уставот на Република Северна Македонија, сите граѓани еднакво ги уживаат своите слободи и права“, се наведува во мислењето, на кое што се цитираат и членови на Меѓународната конвенција за правата на лицата со попреченост, Законот за спречување и заштита од дискриминација, но и од Законот за градење.

По констатацијата за дискриминација, КСЗД донесе две препораки за Општина Карпош, која што е обврзана канцелариите да ги направи пристапни и за лицата со попреченост:

  1. Општина Карпош да изготви акциски план со спецификација на конкретни активности, временски рокови и финансиски импликации за обезбедување соодветно приспособување кое ќе овозможи пристапност на лицата со попреченост до канцелариите за контакт на граѓаните со пратениците на Собранието на Република Северна Македонија. Општина Карпош е должна да постапи согласно оваа препорака и да го достави акцискиот план по писмен или електронски пат до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација во рок од 30 дена од приемот на мислењето.
  2. Општина Карпош да ги заврши сите неопходни мерки и активности за обезбедување соодветно приспособување кое ќе овозможи пристап на лицата со попреченост до канцелариите за контакт на граѓаните со пратениците на Собранието на Република Северна Македонија. Општина Карпош е должна да постапи согласно оваа препорака и да ја отстрани повредата на правото во рок од 180 дена од приемот на мислењето и за тоа да ја извести Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.

„Доколку Општина Карпош не постапи согласно препорачаното, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација согласно член 27, став 4 од Законот за спречување и заштита од дискриминација ќе поднесе барање за покренување на прекршочна постапка пред надлежен суд за прекршоци“, се вели во мислењето на КСЗД.

ДОКУМЕНТОТ – ИНТЕГРАЛНО:

Инаку, според сторијата на Порталб.мк, граѓаните треба да ги бараат вработените во Канцелариите за контакт со граѓаните, кои се ангажирани по одреден распоред за да обезбедат комуникација меѓу пратениците и граѓаните.

Порталб.мк посети четири канцеларии на различни локации и тоа во: Тетово, Чаир, Карпош и Шуто Оризари за да види како функционираат. Според она што го видовме на терен, вработените во канцелариите не го почитуваат работното време, додека дел од нив не одговараат ниту на телефонски повици. Граѓаните тешко контактираат со претставниците на пратениците кои ќе треба да ги слушнат нивните проблеми и потреби, а потоа да ги достават до Собранието за да се изнајде конкретно решение.

Прочитај ја целата сторија: Канцелариите на пратениците за комуникација со граѓаните затворени кога треба да работат.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Старо видео од протест во Истанбул, споделено како ново по нападот врз Рафах на 26 мај

Турските медиуми не објавија за ниту еден протест пред конзулатот на Израел во Истанбул по воздушниот напад на Рафах на 26 мај. Новинската агенција Демирен на 27 мај објави...