fbpx

Кој е кој во разговорите на Ставрески и на Јанкулоска

-

Во аудиоснимките од разговорите помеѓу министерот за финансии, Зоран Ставрески, и министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, што ги објави лидерот на опозицијата, Зоран Заев, се спомнуваат неколку лица. Еве кусо потсетување кои се тие.

Владимир Талески

Талески веќе трет мандат е на чело на Општината Битола. Тој е и познат македонски актер, запаметен по улогата Двојче од емисијата за деца „Здраво генијалци“, во која глумеше заедно со актуелната градоначалничка на Општина Кисела Вода, Билјана Беличанец-Алексиќ.

Во разговорите, министерот Ставрески на Јанкулоска ѝ раскажува за корупцискиот скандал направен од битолскиот градоначалник, за кого вели дека е тежок криминалец. Според разговорот, Талески склучил договор со „Траскоп“ за десетпати повисоки цени, но и покрај тоа барал да му се надоместат некакви буџетски трошоци во Општината, иако во моментот имал вишок пари на сметката.

Талески, освен во разговорите на Ставрески и на Јанкуловска, се поврзува уште со неколку скандали, па, на пример, становите што тој ги поседува долго време беа тема на разговор меѓу советниците во Општината.

Дане Кузмановски

Порано бил партнер во спортските обложувалници „Бундес спорт“ и во неколку скопски ресторани, а се јавува и како директор во новоформираната компанија.

Кузмановски е поранешен директор на Зоолошката градина во Скопје во периодот од 2008 до 2011 година. Тој, како дете, го позајмувал гласот на синот на Попај (Кичо) во цртаниот филм и зад себе има и неколку други театарски улоги.

Порано бил партнер во спортските обложувалници  „Бундес спорт“, а сега е директор на Државната лотарија, а според пишувањето на „Нова ТВ“ се води и како директор во компанијата Друштво за приредување игри на среќа „Касинос Аустриа интернатионал“ ДОО.

За Кузмановски, Ставрески на Јанкуловска ѝ вели дека „досега сто работи му завршил на тој копиљ“.

Миле Јанакиески

Актуелниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, завршил гимназија во Прилеп и школувањето го продолжил во Американскиот колеџ во Солун, каде што дипломирал менаџмент, бизнис-администрација. Првото работно искуство во Владата му било како соработник во Секторот за меѓународна соработка, а бил и шеф на кабинетот на министерот за финансии (2002), шеф на кабинетот на претседателот на ВМРО-ДМНЕ (2004), генерален директор на јавното претпријатие „Водовод и канализација“(2004-2005), а од 2006 година е  министер за транспорт и врски.

Последното нешто за кое го прозиваа новинарите и јавноста, беше изнајмувањето на семејната куќа во Прилеп  на германската компанија што добила тендери. Тогаш Јанакиески се правдаше дека фирмата ја нашла куќата преку оглас кој бил залепен на хартија А4-формат на влезната врата од куќата. Истиот период, Јанакиески беше поврзуван со аферата со фирмата која без тендери добивала задачи да го чисти снегот од градските улици. Во јавноста се зборуваше дека сопственик на таа фирма е близок роднина на Јанакиески. Министерот за транспорт и врски, пред неколку месеци од јавноста беше исмејуван дека во својот кабинет чува врамени лопати. Изминативе неколку дена, Јанакиески во јавноста се споменува и поради разговорите (снимките со прислушување) со премиерот Никола Груевски, во кои договараат како и кога да го срушат објектот „Космос“ на нивниот политички противник Фијат Цановски.

Во разговорите на Ставрески и на Јанкуловска, Јанакиески се споменува и како личност на која премиерот Никола Груевски ѝ барал да потпише договор со кинеска компанија за изградба на автопат, без претходно да се објави тендер.

Аиво Орав

На листата на омилените непосакувани личности на министерот за финансии, Зоран Ставрески, според снимките од прислушуваните разговори, се најде и шефот на Делегацијата на ЕУ во Македонија, Аиво Орав.

Тој бил амбасадор на Естонија за Турција, Азербејџан, Либан и за Сирија, а има и долга  кариера во естонското министерство за надворешни работи.

Кире Божиновски

Кире Божиновски е човекот преку кој Ставрески се обидувал да изврши притисок кај Владимир Талески, градоначалникот на Битола, како што се вели во снимките, за корупцискиот скандал со транспортот на ученици. Божиновски е поранешен генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ и актуелен генерален секретар на Владата. На почетокот на минатата година, тој беше мета на опозицискиот СДСМ бидејќи, како што рекоа тие, не пријавил стан на име на неговата мајка.

Валентина Божиновска

Како што вели Ставрески во разговорот со Јанкулоска, тој бил прекорен од шефот затоа што не успеал да најде пари за Божиновска да ги плати сметките за парно.

Валентина Божиновска, актерка и политичарка, моментално е директорка на Комисијата за односи со верските заедници и со религиозните групи. Двапати од 1998 до 2002  и од 2006 до 2008 година била пратеничка во Собранието, а до 2005 до 2006 – советничка во Град Скопје.

Коце Трајановски

Втор мандат градоначалник на Град Скопје и поранешен градоначалник на Општина Гази Баба.

Трајановски меѓу граѓаните важи за човек од народот и за личност почитувана во неговата партија (ВМРО-ДПМНЕ), но според разговорите што вчера ги објави Зоран Заев, очигледно Трајановски не бил најомилен во партијата.

За градскиот татко, Ставрески и Јанкуловска велат дека ги поддржува сите „матни активности“.

Додека разговараат за битолскиот градоначалник и за неговите, како што вели Ставрески, корупциски активности, велат дека Талески барал поддршка од Коце Трајановски, кој е и претседател на ЗЕЛС.

„Коце за сите такви матни работи дава поддршка и само да те намести“, вели Јанкуловска.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Очајна екипираност – во просек еден обвинител има по 180 нови предмети годишно

Во просек, на годишно ниво секој јавен обвинител од основно обвинителство работел на по околу 180 нови предмети, покажува Годишниот извештај за работата на јавните обвинителства за 2023 година...