Картичките за субвенциониран оброк може да се подигнуваат и во сабота, а ќе се користат од понеделник

Студенти кои сè уште не постапиле согласно дадените насоки, можат и утре да појдат до филијалата на Шпаркасе банка за која се известени дека ќе им издаде картичка

Илустрација: Мета.мк

Наменските платежни картички за користење на средствата за субвенциониран студентски оброк, студентите кои ги исполниле условите за остварување на ова право ќе може да ги подигнуваат во филијалите на Шпаркасе банка и во текот на утрешниот ден – сабота, 30 септември. Вака информираа од Министерството за образование и наука (МОН).

Од таму упатуваат апел до сите студенти кои сè уште не постапиле согласно дадените насоки, да го сторат тоа и да појдат до филијалата за која се известени дека ќе им издаде картичка.

Користењето на средствата за купување храна во маркети, пекарници, ресторани и други правни лица кои произведуваат, подготвуваат или продаваат храна, започнува од понеделник со стартот на новата академска година.

Инаку, во тек е нов повик за аплицирање за субвенциониран оброк на кој може да се пријават бруцошите, но и сите оние студенти кои ги исполнуваат условите, а не успеале да аплицираат на некој од претходните повици. Тековниот рок трае до понеделник, 2 октомври.