Каракаш: Имаме сè помалку добри читатели заради образовниот систем

Фото: „Прозарт“

Kнижевноста е оаза која треба да ја зачува уметноста од политиката. Секако дека разликувам политички ангажман на писателите и на секој создател, но да не се дозволи литературата да се претвори во едно поле на слобода на политиката. Некако не сум уверен дека постои онаа генерална слобода, за неа страшно мораме да се бориме секој ден, но работата на писателот е тоа да го прави со добри книги, истакна писателот и издавач Владислав Бајац на тркалезната маса што на тема „Литература/општество/критика (литературата и критичкото препрочитување на општествените процеси)“ се одржа во Europe House Skopje, во рамките на 10. издание на фестивалот „Про-За Балкан“.

Настанот беше отворен од основачот на фестивалот, Дејан Трајкоски, кој најави голема и опширна тема која може да се разгледува од многу аспекти, а еден од нив е слободата. На тркалезната маса учествуваа сите гости на фестивалот – писатели, како и литературни агенти, уредници кои се дел од програмата „Скопје фелоушип“.

Хрватскиот писател Дамир Каракаш кажа дека секој писател мора да каже за што се неговите книги, така што тој би рекол дека се за слободата и правдата.

„Мислам дека ја потценивме улогата на читателите, која е многу битна бидејќи како што постојат добри и лоши писатели, постојат добри и лоши читатели. Добриот читател од просечна новела може да направи одличен роман, а лошиот читател да ја уништи. Причината што имаме сè помалку добри читатели е поради образовниот систем, како и новите медиуми кои се појавија. Она што порано беа библиите, сега се ајфоните. На луѓето сè им стана споро, бавно, а предноста на книжевноста е токму во нејзината бавност“, истакна тој.

За односот кон читателската публика и градење однос на читателите кон книгата се надоврза Катја Кац, издавачка на книги за деца од Словенија, која рече дека литературата денеска мора да се натпреварува со другите медиуми кои им се поважни и подостапни на децата.

„Во една анализа на ПИСА за читачките навики, словенечките ученици беа под просек. Откривме дека таа анализа се однесува не само на функционалното читање, туку и на аналитичкото читање и дека децата не се мотивирани да читаат поголеми текстови и да ги ставаат во поширок контект. Со промоција на добра литература придружена со одредени дополнителни активности може да се градат читатели и да не ги губиме повеќе отколку што ги губиме сега“, рече Кац.

По однос на тоа каква литература им нуди францускиот гигант „Галимар“ на своите читатели, Орор Туја нагласи дека после 91 година македонскиот јазик првпат влезе во листата на „Галимар“ и среќна е што успеала во тоа преку објавата на книгата „Мојот маж“ на Румена Бужаровска.

„Без разлика од каде е и на каков јазик е напишана книгата треба да биде оригинална. Дел од работата на уредниците е да отворат порта кон нешто различно од тоа што го знаат и да научат за можните реалности во другите земји и пошироко. Но тоа не е целта на литературата, ами уметност. Нема рецепт, но бараме универзалност, без разлика од каде доаѓате. Само бараме уметност и знам дека не е фер оти имаме ограничен простор за објави“, рече Туја.

На прашањето, што странските издавачи бараат од еден автор кој доаѓа од Турција, Пелин Јилмаз од издавачката куќа „Ипсилон“, кажа дека полесно ѝ е да работи со арапските земји поради поблиските односи, а истакна и дека во европските земји, сакаат да ја купат и културата, илустрациите на книгата, не само текстот.

Бугарската писателка Елена Алексиева рече дека освен кон читателите, треба да се погледне и кон писателите.

„Од една страна литературата е тргната на маргините, а од друга страна тоа е можеби така затоа што е нерелевантна, односно не зборува нешто релеватно за светот и општеството што не опкружува. Писателот во голема мера се претвори во човек што сака да се тргне настрана, во својата средна класа сака да има привилегија да го прави тоа што сака без никој да му здодева, и на крај како резултат на тоа, имаме луѓе кои многу често пишуваат за други писатели. Огромно количество на литературни творби кои се занимаваат со своите создатели, со литературата, со различните видови писателски кризи. Сакаме добра, сакаме квалитетна литература, но да наполниш квалитетна литература со смисла и да создадеш квалитетна литература е нешто многу потешко“, рече Алексиева.

На вториот фестивалски ден во кафе-книжарницата „Буква“ беше одржан разговор на Александар Прокопиев со режисерот Рајко Грлиќ, а следуваше музички перформанс на Пијан Славеј и промоција на неговата трета поетска книга „Полиграф“, во издание на „Прозарт медиа“. Пијан Славеј заедно со Гоце Јовановски ја направија вечерта посебна.

Хрватскиот режисер Грлиќ се осврна на периодот на снимањето на филмот „Караула“ (2004 година), во кој Македонија беше една од земјите копродуцентки. Тоа беше прв филм што земјите некогашни членки на Југославија го снимија по нејзиното распаѓање.

„Кога пишувате сценарио, тоа си има правила и се што ќе видите на екран, треба да биде напишано во текстот. Со литературата не е така. Јас цел живот пишувам сценарија и не се сметам себеси за писател. „Нераскажани приказни“ ми е повеќе книга со забелешки. Но, и жанрот не е важен. Тоа е категорија што Американците ја измислија за да си ги категоризираат своите филмови во киносалите. Јас ја имав таа среќа, со секој нареден филм да имам слобода да избирам што ќе работам. Учев од мајстори на филмот – Душан Макавејев, Александар Петровиќ, Жика Павловиќ. Во
тоа време кога почнаа да се забрануваат некои филмови, се случи трагедија на една култура. Да се прави филм не е лесна работа. Во наше време, фестивалите ни беа како вид услов за да можеме да ги убедиме дома дека треба да ни се пушта филмот во киносалите. Денес имам чувство дека на авторите не им е важна публиката, но само
фестивалите“, рече Грлиќ.

Организатор на фестивалот е „Прозарт медиа“. Поддржувачи на „ПРО-ЗА Балкан“ се: Министерството за култура, „Традуки“, Турскиот културен центар „Јунус Емре“, Град Скопjе, Културно-информативен центар на Бугарија во Скопје, Амбасадата на Словенија, Француски институт во Скопје, Кинотеката, Национална Галерија, СПОНА.