Тркалезна маса со писателите на „ПРО-ЗА Балкан“ за пишувањето во сегашноста

Фестивалот „ПРО-ЗА Балкан“ завршува вечерва во 20 часот во Даут-пашиниот амам. Писателите ќе читаат извадоци од своите дела, а ќе му биде врачена наградата „Прозарт“ на Драго Јанчар

Фото: ПРО-ЗА Балкан

Какво е влијанието на литературата врз стварноста и колку таа влијае врз создавањето книжевни дела? Од филозофија до метафизика и назад во реалноста… Вчера одговор на овие прашања се обидоа да дадат седум врвни писатели од регионот, гости на 11. Интернационален литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ што се одржува во Скопје. Тие учествуваа на тркалезната маса на тема „Литературата како (де)конструкција на стварноста“ која се одржа во Europe House Скопје.

Размислувања на темата изложија Драго Јанчар од Словенија, годинашниот лауреат на наградата „Прозарт“, култниот режисер Слободан Шијан од Србија, Владимир Левчев од Бугарија, писателот и сценарист Тарик Туфан од Турција, македонската писателка и монтажерка Снежана Младеновска-Анѓелков, писателот и новинар Ренато Баретиќ од Хрватска и писателката Даница Вукиќевиќ од Србија.

Драго Јанчар даде интересен пример какво е влијанието на литературата и на имагинарниот свет преку творештвото на Габриел Гарсија Маркес. Зошто му веруваме на Маркес кога во неговите дела се случуваат најневеројатни нешта?

„Во еден роман употребив дел од вистинска приказна – историски документ за нешто што се случило во 1944 година, на крајот на Втората светска војна. Предизвика такви реакции во јавноста, сите мислеа дека сè е вистина, а всушност 80-90 отсто јас измислив. Во фактографијата вметнав имагинација. Луѓето секогаш повеќе ѝ веруваат на литературата. На тој начин се создаваат нештата – се деконструираат и пак се враќаат на реалноста“, рече Јанчарат.

Фестивалот „ПРО-ЗА Балкан“ завршува вечерва во 20 часот во Даут-пашиниот амам. Писателите ќе читаат извадоци од своите дела, а ќе му биде врачена наградата „Прозарт“ на Драго Јанчар.