fbpx

Калво: Граѓаните на Барселона секоја вечер имаат најнови податоци за цените, загадувањето и за мобилноста на граѓаните

-

Мариа Хесус Калво веќе осма година работи на полето на отворените податоци, за граѓаните на Барселона, Шпанија, да можат да црпат најразлични информации, почнувајќи од ситуацијата со ковид кризата, економијата, вработувањата, загадувањето на воздухот, транспортот, итн. Таа е една од четириесетината луѓе кои работат во доменот на отворени податоци во Градскиот совет на Барселона, а во интервју за „Вистиномер“ открива зошто отворените податоци и транспарентноста се круцијални за граѓаните да дојдат до вистинските податоци.

 

Пишува: Мери Јордановска

 

Кога ќе ја запознаете Мариа Хесус Калво, никогаш не би помислиле дека таа работи за јавна институција, со оглед на тоа што често властите тежнеат да не објавуваат податоци кои не им одат во корист. Оттаму, првиот впечаток најверојатно би бил дека таа е дел од невладина организација која се занимава со обработка на отворени податоци во Барселона, Шпанија, со цел граѓаните да имаат подобра слика во однос на општествените случувања, преку бројки и преку графици, без разлика дали тие бројки се добри или лоши за власта и без разлика дали би биле предмет на критика.

Хесус Калво веќе осма година работи на полето на отворените податоци, за граѓаните на Барселона да можат да црпат најразлични информации, почнувајќи од ситуацијата со ковид кризата, економијата, вработувањата, загадувањето на воздухот, транспортот итн. Таа е една од четириесетината луѓе кои работат во доменот на отворени податоци во Градскиот совет на Барселона.

Советот ги отвора податоците за граѓаните – преку графици и бројки, тие можат да ги следат цените на гасот, недвижнините, зелените површини во Барселона, сообраќајот, податоците за пандемијата со ковид-19, односно сето она што е од јавен интерес.

Фото: Мета.мк

Градскиот совет во 2016 година формирал четири оддели кои се однесуваат на отворените податоци – првиот е одделот за анализа, кој се занимава со економијата, бруто домашниот производ, вработувањата и слично, понатаму следува ИТ одделот, одделот што го истражува јавното мислење и четвртиот е одделот за статистика, кој го води Хесус Калво.

Таа учествуваше на Конференцијата за отворени податоци во организација на Фондацијата „Метаморфозис“, која се одржа минатата недела во Скопје, а во разговор за „Вистиномер“ откри кои сè податоци се отворени за граѓаните во Барселона и што се имаат на дланка со цел да можат да вршат компарации, анализи и податоци за она што е од јавен интерес.

Имаме многу големи дата бази на податоци, повеќе од 27 дата сетови, а ова го правиме бидејќи веруваме во транспарентноста. Па така, за сите официјално именувани лица објавуваме податоци колку заработуваат, колку пари трошат на патувања, понатаму информации кои се однесуваат на  економијата, платите и вработувањата, но и податоци кои се ажурираат редовно, од минута во минута, како на пример загадувањето, кое е едно од најважните теми за граѓаните, бидејќи секој сака почист град, вели Хесус Калво за „Вистиномер“.

Користејќи ги овие податоци, Градскиот совет на Барселона, на пример, открил дека ковид пандемијата видно го намалила загадувањето на воздухот во градот, бидејќи имало помалку движења на возила.

Ковид кризата покажа дека е многу мало загадувањето на воздухот во градот кога нема проток на возила, покажа колку луѓе се спасени затоа што воздухот не е загаден, но покажа и податоци за здравјето на децата кои учат во близина на областите каде има најголемото загадување. Имено, децата кои имаат пониски квалификации се токму оние кои учат во области кои се пренаселени и загадени. И сето ова може да се докаже со податоци, дека децата, на пример, не можат да се концентрираат кога има премногу возила по улиците, кога е премногу бучно и слично. 

Базата на податоци, која се ажурира секој ден, Open Data Barcelona, започнала како проект за ковид-19 кризата, a понатаму се проширила и во делот за транспорт, економија, цените на гасот и на основните прехрамбени продукти, но и мобилноста – за да се прокаже како и каде се селат граѓаните, со какво темпо и во кои области.

На прашањето дали граѓаните им веруваат на податоците, Хесус Калво, дури и изненадено одговори:

Се разбира, да, луѓето ни веруваат. Но, првиот чекор е дека морате да бидете многу претпазливи. Кога ќе објавите бројки, морате да ги образложите. Изворите на информации се првиот чекор, потоа се информациите, и на крајот следува знањето. Тоа е формулата. 

Во однос на тоа дали има притисоци да не се објавуваат податоци кои не се во корист на градот, Хесус Калво без дилема одговара:

Да, некои податоци не се добри за градот, но јас велам, тие мора да се одобрат и да се објават. Буквално никогаш не ми било кажано да не објавам некои податоци или да се соочам со притисоци, како на пример, дека цените на недвижнините растат или слично.

Во Барселона, на новиот веб-сајт наречен „Ажуриран град“, секоја ноќ соодветно и во реално време се ажурираат информации поврзани со мобилноста, туризмот, цените на гасот итн.

Хесус Калво вели дека никогаш не треба да се забораваат најважните точки за креирање на лесно пристапен сајт за отворени податоци; тие да бидат интероперативни, реупотребливи и со лесен пристап и да се запази триаголникот на граѓани, градови и отворени податоци.

Барајте јавни податоци, не се срамете. Овие аналитички инструменти ви овозможуваат да споредите два града, да видите какви биле нештата во минатото, а какви се сега и на тој начин да ги следите општествените случувања, додава Калво во разговор за Вистиномер.  

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

НБО вели дека поскапеното автоосигурување е реално, Битиќи бара повлекување на одлуката

Порастот на цената на полисата на задолжителното автоосигурување се должи на континуираниот раст на цените на реосигурувањето, автомобилите, резервните делови и на порастот на платите и постојаната голема инфлациона...