fbpx

Јавните обвинители со упатство како да постапуваат по ревизорските извештаи

Обвинителот Јовески го поттикна ДЗР што почесто да ја користи и можноста предвидена во законот според која „доколку овластениот државен ревизор при ревизија оцени дека субјектот на ревизија сторил прекршок или кривично дело должен е веднаш да ги извести надлежните органи“

-

Јавното обвинителство ќе изготви задолжително упатство со насоки до јавните обвинители за начинот како да постапуваат по ревизорските извештаи.

Ова е заклучено денеска на работниот состанок меѓу главниот државен ревизор Максим Ацевски и заменик главниот државен ревизор Орхан Адеми со јавниот обвинител Љубомир Јовески и јавниот обвинител – раководител на Одделението во ЈОРСМ за соработка со други институции, Башким Бесими.

Средбата била иницирана од страна на главниот државен ревизор, а во врска со најавите на Јавното обвинителство за активирање на Национален фронт за борба против корупција со цел интензивирање и зајакнување на соработката помеѓу надлежните институции во државата во превенцијата и борбата против корупцијата.

„Исклучително ја цениме самостојноста на Државниот завод за ревизија, а ревизорските извештаи претставуваат солидна и корисна основа за нашите постапки“, рече Јовески.

Тој најави дека Јавното обвинителство ќе изготви задолжително упатство со насоки до јавните обвинители за начинот за постапување по ревизорските извештаи. Исто така, го поттикна Државниот завод за ревизија што почесто да ја користи и можноста предвидена во членот 35 од Законот за државна ревизија, согласно која „доколку овластениот државен ревизор при ревизија оцени дека субјектот на ревизија сторил прекршок или кривично дело должен е веднаш да ги извести надлежните органи“, односно уште пред изготвувањето на конечниот извештај.

„Ова значително ќе го забрза постапувањето на Јавното обвинителство по наодите од извршените ревизии и ќе овоможи навремено прибирање на доказите за кривична постапка. На оперативно ниво, беа разгледани и други аспекти за олеснета примена на ревизорските извештаи во кривичната постапка“, рече Јовески.

Главниот државен ревизор потенцираше дека Државниот завод за ревизија како Врховна ревизорска институција во државата во континуитет стои на располагање со својата експертиза, стручност и професионалност на сите надлежни институции во системот за превенција и борба против корупцијата.

Двете институции се договорија во следниот период да изготват заеднички план со конретни активности кои треба да се реализираат до крајот на годината, а кои вклучуваат и следење и повратни информации за постапувањето по ревизорските извештаи, како и едукација на јавните обвинители за методологијата и пристапот на работа во изготвувањето и содржината на конечните ревизорски извештаи.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.