Јанкулоска: Не коментирам креирани и незаконски прибавени материјали

Во своето прво појавување во јавноста откако лидерот на опозицијата почна да ги објавува снимките од „бомбата“, министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, не сакаше да коментира делови од снимките, наведувајќи дека станува збор за „креирани материјали, кои се објавуваат на незаконски начин и според признанието на тој што ги објавува, се прибавени на незаконски начин“.

– Господинот Заев еден подолг период објавува материјали за кои тврди дека ги добил на еден незаконски начин и нивното објавување го прави во една незаконска постапка и, во таа смисла, не би сакала да ги коментирам материјалите што тој незаконски ги поседува, особено ако се земе предвид фактот дека тој е еден од лицата кои се осомничени за тешко кривично дело, што, секако, треба да добие институционална завршница и ако која било од иснтитуциите смета дека во една правна постапка е потребна моја изјава, јас сум подготвена сето она што имам да го кажам пред институциите – изјави Јанкулоска.

Потезите на лидерот на опозицијата, Јанкулоска ги оцени како „нешто невидено во светски рамки“, со кои Заев го нарушува имиџот на држвата.

– Ваквото негово однесување го нарушува имиџот на земјата, ја нарушува атмосферата во земјата бидејќи тој директно се закани на 26.000 луѓе, за кои тврди дека доколку не се однесуваат на начин на кој тој посакува да се однесуваат, ќе објави нешто што нема да им се допадне – рече Јанкулоска, но не одговори зошто не го уапсат ако е толку опасен.

На прашањето дали останува на ставот дека зборот „забегани“ ја отсликува оваа власт, како што може да се слушне во една од снимките во која, според опозцијата, зборуваат Јанкулоска и министерот за финансии, Зоран Ставрески, министерката повторно се повика на тоа дека не коментира креирани и незаконски прибавени и објавени материјали, а за Владата предводена од Груевски вели дека направила „историски пресврт во подоборувањето на состојбите во различни сфери од општественото живеење, од еконимијата, здравството, образованието, до областа на безбедноста“.

За тоа дали чувстува политичка одговорност за пробивањето на безбедносниот систем, Јанкулоска рече дека тоа е новинарска оцена на состојбата во безбедносниот систем.

Прашањето дали полицајците сè уште спијат на ќебиња од ЈНА, Јанкулоска го оцени како „малициозно тврдење“ и не сакаше да го коментира, но за состојбите во полицијата рече дека „ниедна влада толку не инвестирала во опрема и во средства за работа на полицијата“.