fbpx

Иванов: Поради идентитетот ни се оспорува правото на просперитет

-

Претседателот Ѓорге Иванов денеска по повод државниот празник Илинден, положи венци со свежо цвеќе пред спомениците на АСНОМ и на Никола Карев. Иванов пред споменикот на првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, Методија Андонов-Ченто, порача дека „поради нашиот македонски идентитет, ни се оспорува правото на просперитет.“

– За да создаваме услови за просперитет во нашиот глобализиран свет, неопходно е да бидеме дел од Европската Унија и од НАТО. Токму членството досега требаше да ни овозможи конечно да ја достигнеме целата слобода. Но, на тој пат, ние, како држава сме уценети. Ниту една земја членка на својот европски пат не се соочувала со прашањата на кои ние секојдневно трошиме време, енергија и трпение. Од ниту една друга земја членка не се бара тоа што се бара од нас, негирање на правото на човечко достоинство и самоидентификација – изјави Иванов.

Според претседателот, членството во Европската Унија и во НАТО бара жртва, за која, како што рече, потребен е широк национален и државен консензус.

Тој се осврна и на соработката со новата влада за што рече дека „Уставот упатува да соработуваат на полето на надворешната политика.“

– Кај мене ќе поминат само оние предлози за амбасадори кои ќе ги исполнуваат критериумите за професионалност, стручност и искуство. Од сегашните и од идните амбасадори очекувам засилен ангажман во насока на реализација на поставените стратегиски цели на Македонија – рече Иванов.

Тој се осврна и на ребалансот на буџетот и рече дека претставувањето, безбедноста и одбраната на државата не се луксуз, туку потреба.

– Буџетот за претставување на државата не е трошење, туку инвестирање во нови пријателства и партнерства за Македонија. Буџетот за безбедноста и за одбраната не е трошење, туку инвестирање во услови за нормално функционирање на државата – додаде Иванов.

Иванов за Договорот со Бугарија рече дека ја поддржал и иницијативата за преточување на Декларацијата за добрососедство од 1999 во Договор за пријателство, добрососедство и соработка.

– Ако почнеме да ги отвораме старите рани, лесно ќе најдеме причини за кавги. Затоа, уште на почетокот јасно посочив дека со Бугарија треба да ги славиме само светлите датуми од заедничката историја на нашите две соседни, суверени и рамноправни држави – рече Иванов.

Тој изрази надеж дека е можно постигнување заемно прифатливо решение со Грција за надминување на прашањето за името.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Пред матурантите од СОС Детско село се отвора нова животна страница

Христина, Мартина и Ибраим се дел од седумте матуранти во СОС Детско село оваа година. Овие луѓе, освен што слават матура, слават и многу повеќе од крајот на образованието. „Растејќи...