Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, по повод одбележувањето на државниот празник 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба, упати честитка до граѓаните на Република Македонија.

Иванов во честитката наведува дека одбележувањето на празникот на македонската револуционерна борба е симбол на долговековниот непокор и борба на македонскиот народ за слобода, државност и за независност.

„Корените на македонската револуционерна борба почнуваат со формирањето на Македонската револуционерна организација, на 23 Октомври 1893 година, кога шесттемина македонски дејци ги обедини една визија за исполнување на вековниот сон – слободна Македонија. Патот до слободата беше исполнет со предизвици, но нивната сплотеност и решителност за остварување на своите идеали им даде сила да истраат пред тешкотиите. Пламенот што го разгореа револуционерите го презедоа илинденците, борците во Народноослободителната и антифашистичка борба и носителите на АСНОМ, кои го остварија стремежот за слободна македонска држава. Без 23 октомври 1893 година не ќе беа можни ниту трите светли Илиндени од 1903, 1944 и од 1991 година“, се вели во честитката.

Претседателот истакнува дека наша должност е да им оддадеме почит на нашите борци за слобода и независност, следејќи го нивниот пат.

„Како следбеници на нашите предци, почитувајќи ја историската реалност, треба да создадеме иднина за нашите потомци. Почитувани сограѓани, нека ни е честит празникот! Да живее Република Македонија!“, се наведува во честитката.