Италија го блокираше ChatGPT

Италијанскиот орган за заштита на податоците соопшти и дека „ОпенАИ“ има 20 дена да каже како ќе одговори на грижите на регулаторите – со казна од 20 милиони евра или до 4 отсто од годишните приходи на компанијата

Фото: Emiliano Vittoriosi на Unsplash

Италија стана првата западна земја што го блокирала напредниот чатбот ChatGPT. Италијанскиот орган за заштита на податоците соопшти оти постои загриженост за приватноста во врска со оваа форма на вештачка интелигенција создадена од американскиот стартап „ОпенАИ“ и поддржан од „Мајкрософт“.

Италијанските регулатори велат дека ќе го забранат чатботот и ќе започнат со истрага веднаш, пренесе Би-би-си.

Тие нагласуваат дека на 20 март имало истекување податоци од ChatGPT, меѓу другото и разговори на корисници и информации за плаќања. Италијанските органи велат дека правно не може да се оправда „масовното собирање и складирање лични податоци со цел ’обучување‘ на алгоритмите кои се во основата на работата на платформата“.

Понатаму се вели дека, бидејќи нема начин да се потврди возраста на корисниците, апликацијата „ги изложува малолетниците на апсолутно несоодветни одговори во споредба со нивниот степен на развој и свесност“.

Италијанскиот орган за заштита на податоците соопшти и дека „ОпенАИ“ има 20 дена да каже како ќе одговори на забелешките нарегулаторите – со казна од 20 милиони евра или до 4 отсто од годишните приходи на компанијата.

Групата за заштита на потрошувачите „BEUC“ ги повика Европската Унија и националните власти да го истражат ChatGPT и сличните чатботови, откако претходно поднесоа жалба во САД.

Во моментов ЕУ работи на првото законодавство во светот за вештачката интелигенција.

Инаку, ChatGPT е веќе блокиран во голем број земји, вклучително и Кина, Иран, Северна Кореја и Русија.

Експерти бараат развојот на вештачката интелигенција да запре на нивото на кое е GPT-4